22.05.2026 Скопје
Околу 1,2 милијарди луѓе ширум светот страдале од ментални нарушувања во 2023 година, што е зголемување од 95,5 проценти во однос на 1990-тите, покажа нова студија.
Најголемо зголемување е забележано кај анксиозноста и депресијата, кои беа и најчестите нарушувања таа година.
Како што е наведено, на трето место е категоријата нарушувања на личноста, кои не се придружени со други ментални проблеми или употреба на супстанции.
Студијата, објавена вчера во списанието „Лансет“, опфати 204 земји и 12 категории на ментални нарушувања, а нејзините автори предупредија дека светот влегува во фаза на влошување на проблемите од ваков вид, што предизвикува значителна загриженост.
Водечкиот автор на студијата, Дамијан Сантомауро, во таа пригода рече дека обемот на проблемот „вистински го шокирал“.
„Тука играат улога многу фактори и тешко е да се одвојат сите“, додаде Сантомауро, вонреден професор на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот во Квинсленд во Австралија.
Тој посочи дека справувањето со овие фактори на ризик бара глобален колективен ангажман.
Други проблеми со менталното здравје што биле следени вклучуваат биполарно растројство, шизофренија, нарушувања од аутистичниот спектар, проблеми со хиперактивност, анорексија, булимија, дистимија и нарушување на однесувањето.
Истражувачите откриле дека има зголемување на сите 12 вида нарушувања, при што случаите на анксиозност се зголемиле за 158 проценти, а депресијата за 131 процент, во споредба со 1990 година.
Како што е објавено, најмалку чести нарушувања биле анорексија, булимија и шизофренија, иако овие состојби не се ретки.
Повеќето ментални нарушувања биле почести кај жените, но аутизмот, нарушувањата во однесувањето, нарушувањата на личноста и необјаснетата интелектуална попреченост всушност биле почести кај мажите.
Студијата, исто така, помага дополнително да се расветли како пандемијата на Ковид-19 можеби влијаела врз стапките на одредени ментални здравствени состојби.
Пред пандемијата, стапките на анксиозност, депресија и некои други нарушувања веќе беа во пораст, но за време и по кризата, депресијата се зголеми и не се врати на стапките пред пандемијата. Во исто време, анксиозноста го достигна својот врв и остана висока до 2023 година, откри истражувачкиот тим.
Истражувањето, исто така, се занимава со прашања како што се недоволното пријавување на проблеми со менталното здравје, што е вообичаено кога станува збор за ментални болести.
Пол Болтон, научник на одделот за ментално здравје на Школата за јавно здравје „Џонс Хопкинс Блумберг“ во Балтимор, рече дека точниот број е непознат, но проценките презентирани во студијата се најблиску до вистинските бројки во светот.
Истражувањето е анализа на податоци од Студијата за глобално оптоварување од болести, повреди и фактори на ризик, или GBD, од 2023 година. Студијата за GBD, предводена од Институтот за здравствени метрики и евалуација на Универзитетот во Вашингтон, е најголемиот и најсеопфатен напор за мерење на здравјето на различни места и времиња.
Ова истражување, започнато во раните 1990-ти, вклучува илјадници истражувачи од целиот свет и е првенствено финансирано од Фондацијата Гејтс од 2007 година.
Искуствата со менталното здравје и пристапот до здравствена заштита значително варираат, а голем дел од товарот за подобрување лежи кај креаторите на политиките и другите здравствени власти, велат експертите.
Научниците наведуваат дека многу позитивни и негативни фактори придонесуваат за повисоки стапки на овие нарушувања.
„Стигмата за менталните болести е значително намалена, па затоа луѓето се многу посклони да се јават отколку да страдаат во тишина“, рече психијатарот Роберт Трестман.
Сантомауро и други експерти имаат совети што можат да им помогнат на сите што се борат со овие проблеми, вклучително и контактирање со професионалци за различни терапии, лекови и поддршка.
Подготвено од А.Ѓ.