22.05.2026 Скопје
Индија е погодена од силен топлотен бран, при што повеќе од 300 случаи на болести поврзани со топлината се пријавени во јужната индиска држава Андра Прадеш од почетокот на март до средината на мај, соопшти Министерството за здравство на индиската држава.
Во тој период се регистрирани 325 случаи на топлотен удар, а речиси една третина од нив се пријавени од почетокот на мај.
Властите во сојузната држава Андра Прадеш ги предупредија граѓаните да избегнуваат престој на отворено помеѓу 11 и 16 часот, кога „топлинските бранови и екстремните температури се на врвот“.
Индискиот метеоролошки оддел предупреди дека се очекуваат „многу силни топлотни бранови“ во главниот град Њу Делхи и големи делови од северна Индија од 22 до 27 мај.
Според локалните медиуми, две лица со симптоми на топлотен удар се хоспитализирани во државна болница во Делхи и се во критична состојба.
Екстремната жештина, исто така, доведе до зголемен број пациенти со дијареја и дехидрација во болниците во некои делови од земјата, додека недостиг на вода е пријавен во западната држава Гуџарат.
Индискиот метеоролошки оддел прогласува топлотен бран кога максималната температура ќе достигне најмалку 40 степени Целзиусови во рамнините и 30 степени во планинските региони, со отстапување од 4 до 6 степени над просекот, или кога температурата ќе достигне 45 степени Целзиусови.
Највисоката температура оваа година од 48 степени Целзиусови е забележана оваа недела во градот Банда во северната држава Утар Прадеш.
Индија регистрираше повеќе од 7.000 случаи на топлотен удар и 14 смртни случаи помеѓу март и јуни минатата година.
Подготвено од А.Ѓ.