ISLANDSKI PARLAMENT

24.08.2026 Скопје

Граѓаните на Исланд ќе гласаат на референдум во сабота, на 29 август, за да одлучат дали нивната земја ќе ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија, во време кога геополитичките промени дополнително го зголемуваат значењето на ова прашање.

Владата во Рејкјавик го претставува гласањето како можност Исланѓаните да одлучат дали сакаат нивната земја повторно да го отвори својот европски пат или да го задржи својот сегашен статус во Европската економска зона. Тој статус ѝ дава на Исланд пристап до европскиот единствен пазар, но не и место на масата за донесување одлуки во Брисел.

Премиерот на Исланд, Кристурн Фростадотир, изјави дека референдумот треба да им овозможи на граѓаните да одлучат дали владата ќе добие мандат за продолжување на преговорите.

„Народот ќе го има првиот и последниот збор во ова“, рече таа.

Најчувствително прашање во сите преговори со Брисел ќе биде рибарството. Рибата и морските плодови сочинуваат околу 40 проценти од извозот на Исланд, додека контролата врз територијалните води е тесно поврзана со националниот суверенитет и идентитет на земјата.

Особено спорно би било усогласувањето со Заедничката политика за рибарство на ЕУ, која утврдува правила, ограничувања на уловот и квоти за земјите-членки.

Исландската федерација на рибарска индустрија (SFS) предупреди дека членството во ЕУ би можело да ја ограничи способноста на Исланд да дејствува како независна крајбрежна држава.

Посебен спор беше околу квотите за скуша. Исланд зазеде едностран став во врска со нивоата на квоти, кои ЕУ ги сметаше за превисоки, додека Рејкјавик не се согласи со договорите постигнати меѓу ЕУ, Норвешка и Фарските Острови.

Покрај рибарството, едно од клучните прашања за гласачите ќе биде земјоделството, кое исто така би требало да се прилагоди на европските правила.

Исланд аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, по тешката финансиска криза. Преговорите беа прекинати во 2013 година, кога на власт дојде евроскептична коалиција, а прашањето за рибарството стана една од главните пречки.

Две години подоцна, исландската влада го информираше Брисел дека нема намера да ги продолжи преговорите, а Исланд повеќе не се третира како земја-кандидат.

Пресвртница се случи во 2024 година, со доаѓањето на проевропска коалициска влада. Нејзиниот коалициски договор предвидуваше референдум за продолжување на преговорите пред 2027 година.

Исланд досега затвори 11 од вкупно 33 преговарачки поглавја, а Брисел проценува дека, доколку процесот продолжи, преговорите би можеле да бидат завршени за една до две години, со оглед на веќе високиот степен на интеграција на Исланд во европскиот пазар.

Припремила А.Ђ.

About Author