vakcinacija

22.05.2026 Скопје

Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека може да поминат и до девет месеци пред да биде готова вакцината против новиот сој на ебола.

Два можни кандидати за вакцина против сојот Бундибугио се моментално во фаза на развој, но ниту една од нив сè уште не е подложена на клинички испитувања, изјави советникот на СЗО, д-р Васи Мурти.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека се регистрирани 600 сомнителни случаи на ебола и 139 сомнителни смртни случаи, но дека се очекува бројките дополнително да се зголемат поради времето потребно за откривање на вирусот.

Зборувајќи со новинарите во Женева, Тедрос рече дека 51 случај е потврден во Демократска Република Конго, каде што е пријавен првиот случај, како и два случаи во соседна Уганда.

СЗО прогласи вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен интерес во неделата, но соопшти дека епидемијата сè уште не достигнала ниво на пандемија.

Тедрос рече дека комитетот за вонредни состојби, по состанокот во вторникот, се согласил дека ситуацијата „не претставува пандемиска вонредна состојба“.

„СЗО проценува дека ризикот од епидемија е висок на национално и регионално ниво, а низок на глобално ниво“, рече тој.

Потврдени случаи во ДР Конго се регистрирани во источната покраина Итури, која е епицентар на епидемијата, како и во покраината Северен Киву.

Од двата потврдени случаи во главниот град на Уганда, Кампала, двајцата пациенти патувале од ДР Конго, а едно лице починало.

„Знаеме дека обемот на епидемијата во Демократска Република Конго е многу поголем“, рече Тедрос, додавајќи дека меѓу смртните случаи има и здравствени работници, што е особено причина за загриженост.

Локалните здравствени работници известуваат дека некои здравствени установи се преоптоварени.

Иако заштитната опрема почнува да пристигнува, тие тврдат дека сè уште работат без соодветна заштита.

Триш Њупорт, раководител на програмата за итни случаи во „Лекари без граници“, рече дека здравствените установи предупредуваат дека се полни со сомнителни случаи и дека немаат повеќе простор.

Владата на Велика Британија најави помош од 20 милиони фунти за справување со епидемијата.

Првиот познат случај беше медицинска сестра која развила симптоми и починала на 24 април во Бунија, главниот град на покраината Итури.

Нејзиното тело беше префрлено во Монгвал, еден од двата рударски града каде што е пријавен најголем број случаи.

Претставник на СЗО изјави дека е во тек истрага за да се утврди колку долго се шири вирусот, но дека приоритет е запирање на преносот.

Еболата се пренесува преку директен контакт со телесни течности и преку оштетена кожа, предизвикувајќи тешко крварење и откажување на органите.

Првпат е откриен во 1976 година во денешна Демократска Република Конго и се смета дека се проширил од лилјаци.

Познато е дека четири вида ебола предизвикуваат болести кај луѓето, вклучувајќи го и сојот Заир, со кој ДР Конго се соочи неколку пати.

Земјата моментално се бори со 17-та епидемија на ебола, но сојот Бундибугио, кој не е виден повеќе од една деценија, претставува дополнителен предизвик.

Бундибугио досега предизвика само две епидемии, во Уганда во 2007 година и во ДР Конго во 2012 година, кога уби околу една третина од заразените.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author