German Parliament Bundestag

22.05.2026 Скопје

Европската комисија денес потврди дека добила писмо од германскиот канцелар Фридрих Мерц во кое се предлагаат иновативни решенија за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан и Молдавија, како и придружно членство за Украина, нагласувајќи дека го поздравува фактот што оваа дискусија се одвива меѓу земјите-членки и го охрабрува продолжувањето на дебатата на ниво на лидери на ЕУ.

„Ова покажува дека постои силна посветеност од земјите-членки проширувањето да стане реалност што е можно поскоро. Многу е јасно дека проширувањето сега е геостратешка инвестиција во нашиот просперитет, мир и безбедност“, изјави портпаролот на ЕК, Гијом Мерсие, на брифинг за медиумите.

Тој нагласи дека „пристапувањето на Украина во ЕУ е суштински поврзано со безбедноста на Унијата“, но додаде дека „подеднакво е важно да се постигне завршување на процесот на проширување на ЕУ со сите земји-кандидатки кои работат кон пристапување многу години“ и дека „сите иновативни решенија треба да бидат водени и од процес базиран на заслуги“.

„Гледајќи напред, мора да се осигураме дека нашиот пристап кон проширувањето е соодветен на целта, што исто така значи и неговата безбедносна димензија. Затоа Комисијата ќе продолжи активно да се ангажира со земјите-членки и земјите-кандидатки за да ги пронајде најдобрите решенија што ќе нè направат посилни како Унија и побезбедни“, рече Мерсие.

Во врска со Западниот Балкан, портпаролката на ЕК, Паула Пињо, изјави дека самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во првата недела од јуни „ќе биде можност да се направи преглед на тоа каде сме во моментов“.

Мерсие не можеше да одговори дали идејата за поврзано членство во ЕУ е правно можна без амандман на договорот и едногласно одобрување од земјите-членки.

„Сè уште не сме во фаза на правна дебата, туку на политичка дебата што треба да се спроведе во рамките на Европскиот совет. Проширувањето е дебата што ја водат земјите-членки. Комисијата е таму за да го олесни процесот и да обезбеди експертиза, но прво ни е потребна политичка дебата“, рече тој.

Пињо додаде дека „тоа е втората фаза“.

„Со други зборови, ова е идеја што е изнесена, која земјите-членки на крајот ќе ја дискутираат, а потоа прашањето би било дали е правно одржлива, дали е можно или не“, рече Пињо.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author