JANEZ JANSHA

22.05.2026 Скопје

Лидерот на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, денес положи заклетва како словенечки премиер, откако беше избран од словенечкиот парламент за мандатар за новата влада, со 51 глас „за“ и 36 „против“.

„Се колнам дека ќе го почитувам уставниот поредок, дека ќе дејствувам според мојата совест и ќе работам со сите сили за доброто на Словенија“, рече Јанша за време на положувањето заклетва пред Народното собрание.

Бидејќи гласањето беше тајно, резултатите по парламентарни групи не се познати.

За време на седницата, пред зградата на парламентот беше организиран протест, каде што учесниците изнесоа велосипед со голема црна коцка што ја симболизира соработката на Јанша со израелската агенција „Црна коцка“.

На седницата, Јанша ја презентираше владината програма, но најави и соработка со опозицијата за уставните измени и утврдување на развојните приоритети, објавува порталот 24UR.

„Беше полесно да се добие независноста на Словенија отколку да се демократизира. Да беше тоа целосно спроведено порано, денес немаше да стојам тука“, рече Јанша.

Освен пратениците на СДС, неговата кандидатура за премиер ја потпишаа и НСи, СЛС, Фокус и Демократите, кои исто така склучија договор за коалиција во четврток, како и претставници од Ресница, кои нема да влезат во владата.

Сите гореспоменати претставници имаа вкупно 48 гласа.

Премиерот во заминување и лидер на Свобода, Роберт Голоб, изјави дека Јанша отворено им се заканил на присутните на последната седница на Советот за национална безбедност и додаде дека тој е најголемата закана за суверенитетот и демократијата на Словенија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author