ZATVOR

22.05.2026 Скопје

Хрватскиот министер за правда Дамир Хабијан најави дека ќе предложи измени на законот што би овозможиле воведување доживотен затвор и дека ќе биде покрената постапка против двајца судии во Шибеник за небрежно вршење на должноста во случајот со убиецот од Дрниш, Кристијан Алексиќ.

Хабијан рече дека постапките против овие судии ќе бидат покренати по наодите од вонредниот надзор во врска со случајот на убиецот од Дрниш, кој беше пријавен во 2023 година за нелегално оружје, а судската постапка против него сè уште е во тек.

Тој изјави дека ќе биде формирана работна група за измена на неколку закони и дека очекува нацрт-предлог во рок од две недели.

Тој како една од клучните промени го издвои воведувањето на институцијата доживотен затвор, која постои во повеќето европски земји.

– Моментално во Хрватска имаме долгогодишни затворски казни до 40 или 50 години, меѓутоа, немаме институција доживотен затвор – рече Хабијан.

Тој, исто така, најави редефинирање на институцијата заштитен надзор по издржување на казната, како промена поврзана со следењето на лицата кои го напуштаат затворот по издржување казни за тешки кривични дела.

Општинскиот суд во Шибеник претходно објави дека постапката против Алексиќ од 2023 година е одамна задоцнета поради голем број заостанати предмети и недостаток на судии.

Кристијан Алексиќ го уби 19-годишниот доставувач на пица Лука Миловац на 16 мај. Тој беше уапсен по целовечерна полициска потера и беше осуден на еден месец притвор.

Осомничениот веќе има пет правосилни пресуди, од кои две беа споени во 15-годишна затворска казна што ја отслужи за убиство на девојче, додека две се условни.

Алексиќ убил 22-годишно девојче со 17 убодни рани во мај 1994 година, а неговите тешки ментални проблеми беа споменати во претходните постапки.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author