eu-1

22.05.2026 Скопје

Нова иницијатива од пет земји-членки на ЕУ отвора пат за поинаков пристап кон проширувањето со Западен Балкан: постепено вклучување во делови од европскиот систем дури и пред полноправно членство.

Предлогот, поддржан од Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија, не ја менува формалната рамка на проширувањето. Земјите кандидати сè уште ќе треба да ги исполнат условите, да се усогласат со европското законодавство и да напредуваат низ процесот на преговори. Но, клучната разлика е што некои од придобивките би можеле да дојдат порано – по сектор, по област, по ниво на подготвеност.

Според доверлив документ до кој дојде „Еурактив“, идејата е постепената интеграција да не биде исклучок, туку систематски пристап. Ова значи дека земјите од Западен Балкан, доколку исполнат одредени услови, би можеле постепено да добијат пристап до европските програми и делови од единствениот пазар.

Во документот се наведени области како што се транспорт, енергетика, дигиталниот пазар и политики за критични суровини.

Политичкиот аналитичар Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“ вели дека предлогот за постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ би можел да биде сериозен поттик за реформи ако создаде видливи придобивки дури и пред формалното членство.

– Во последните години, во регионот се создава чувство дека процесот на европска интеграција е политички бавен и честопати непредвидлив, па затоа секој модел што носи конкретни економски, инфраструктурни или институционални придобивки може да ја врати довербата во европската перспектива. Но, во исто време, постои реален ризик постепената интеграција да се претвори во трајна алтернатива, а не во преодна фаза кон полноправно членство. Затоа е важно ваквите иницијативи да не се гледаат како замена за проширувањето, туку како инструмент за забрзување на усогласувањето и подготовката на земјите кандидати за идно членство. За ЕУ, овој пристап е начин за продлабочување на интеграцијата со регионот без веднаш да се отворат сите институционални прашања поврзани со полноправното членство. Сепак, за земјите од Западен Балкан е најважно постепената интеграција да остане јасно поврзана со кредибилна и заслужена перспектива за членство – објаснува Стојковски.

На прашањето што конкретно би значел таков модел за Македонија во сектори како што се транспортот, енергетиката и дигиталниот пазар, и какви реални придобивки можат да очекуваат граѓаните и економијата дури и пред членството, Стојковски истакнува дека ефектите би биле одлични.

– Во транспортот, ова би значело подобра интеграција во европските транспортни коридори, полесен проток на стоки и услуги, намалени административни бариери и подобар пристап до европските инфраструктурни фондови. Ова директно би влијаело врз конкурентноста на Македонската економија. Во енергетиката, постепеното вклучување во европскиот пазар би можело да донесе поголема енергетска безбедност, подобра поврзаност со регионалните и европските енергетски системи, како и поголеми инвестиции во обновливи извори на енергија и зелена транзиција. На дигиталниот пазар, граѓаните најдиректно би можеле да ги почувствуваат придобивките преку подобра дигитална поврзаност, постепено намалување на трошоците за роаминг, хармонизација со европските дигитални стандарди и отворање нови можности за домашниот ИТ сектор и стартапи – вели Стојковски.

Сепак, додава тој, овие придобивки ќе зависат од капацитетот на државата да спроведе реформи, да обезбеди правна сигурност и да изгради функционални институции.

– Затоа, постепеното вклучување во Единствениот пазар треба да се гледа како можност за забрзување на европеизацијата на државата и економијата, а не како конечна замена за полноправно членство во Европската Унија – вели Стојковски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, во интервју за „Слободен печат“, оценува дека овој начин на однесување од страна на ЕУ е само начин да се справат и да покажат дека работат на тоа сите земји од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ, иако нема да има нови земји-членки додека ЕУ не се реформира, а тој процес е бавен и одзема време.

– За да правиме реформи, не ни треба никој да нè притиска или да ни дава можности, туку самите треба да се реформираме за да ја водиме земјата во вистинската насока и за развој на државата во вистинската насока. Со 0% доверба во судството и партиска пристрасност на државата на секое ниво, нема напредок, без разлика што бара ЕУ од нас за реформи – нагласува Пекевски.

Во теорија, додава тој, реформите и зближувањето треба да овозможат развој на Македонија, но во пракса ова ќе значи уште поголема емиграција и економска заостанатост на Македонија.

– И тоа нема да се случи поради инвестиции во иновации, туку поради инвестиции во бетон и само во бетон – заклучува Пекевски.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author