MIHAEL ROT

22.05.2026 Скопје

„Глупавото попречување на патот на Северна Македонија кон ЕУ од страна на Бугарија е неодговорно и мора да престане“, напиша поранешниот германски министер за Европа, Михаел Рот, во статија за „X“.

Според него, оваа опструкција од страна на Бугарија „ја ослабува ЕУ, го дестабилизира Западен Балкан и им користи само на Русија, Кина и други авторитарни актери“.

„Новата бугарска влада треба да се засрами“, рече Рот.

Неговата реакција дојде откако бугарското Министерство за надворешни работи го пренесе ставот на министерката Велислава Петрова-Чамова, наведувајќи дека тоа е „еден од најјасните институционални одговори досега во врска со ставот на Софија за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ“. Во него се наведува дека „Бугарија го смета европскиот консензус од јули 2022 година за целосно обврзувачки и отфрла секаков обид за негово реинтерпретирање или заобиколување“.

Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски денес се сретна со својата бугарска колешка Велислава Петрова, по што МНР соопшти дека тој ѝ посочил на Петрова дека за јазикот, идентитетот и културата не може да се разговара. Според соопштението, Муцунски го покренал и прашањето за македонското малцинство во Бугарија и пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Петрова-Чамова се сретна и со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадепул на министерскиот состанок на НАТО во Шведска, кој рече дека „проширувањето е геополитичка неопходност и дека (ЕУ) се стреми кон зголемен моментум“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author