Greenland-EU

23.04.2026 Скопје

Европската Унија беше создадена по Втората светска војна како проект на економска соработка, а не како сила способна за брз одговор на кризи. Таа им ја препушти безбедноста на Соединетите Американски Држави и го изгради својот политички систем врз компромис и бавно усогласување.

Сепак, светот во меѓувреме драматично се промени и има сè поголем број на луѓе кои веруваат дека ЕУ повеќе не може да функционира на ист начин.

Денес, додека кризите се редат една по друга, расте незадоволството од темпото со кое се носат одлуките на лидерите на 27-те земји-членки собрани во Европскиот совет, особено кога станува збор за безбедноста и надворешната политика.

Примери за бавност има во изобилство. ЕУ постојано не успеваше да усвои единствен став за клучните прашања во последните месеци, од 90 милијарди евра помош за Украина до санкциите врз Русија и одговорот на војната во Иран. На еден од последните самити одржани во март, лидерите поминаа часови дебатирајќи за техничките детали на системот за тргување со емисии, додека енергетските интереси на Европа на Блискиот Исток беа доведени во прашање.

Слични критики доаѓаат и од самото политичко раководство. Холандскиот премиер Роб Јетен предупреди дека повеќе не е можно да им се објасни на граѓаните зошто Европа реагира толку бавно, додека францускиот претседател Емануел Макрон призна дека ЕУ „понекогаш е премногу бавна, се разбира, и ѝ треба реформа“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, отиде чекор понатаму, велејќи дека правилото за едногласност создава „системски блокади“ и повика на укинување на националните вета во надворешната политика на Унијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author