23.04.2026 Скопје
Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денес го поддржаа формирањето на ад хок работна група која ќе почне со работа на нацрт-договорот за пристапување за Црна Гора, земјата која најмногу напредна во пристапниот процес.
Од кипарското претседателство рекоа дека вложиле големи напори за да обезбедат формирање работната група што е можно побрзо, особено имајќи ја предвид долгорочната техничка работа што треба да се заврши пред самиот почеток на изготвувањето на договорот за пристапување.
Црна Гора ги отвори сите поглавја од преговорите и затвори 14 од нив.
Комесарката за проширување Марта Кос во расправата во Европскиот парламент во понеделникот изјави дека Европската Унија мора да учи од минатите проширувања за да не го повтори случајот со Унгарија, чиј долгогодишен премиер Виктор Орбан се сметаше за тројански коњ бидејќи систематски блокираше низа одлуки.
Таа истакна дека новите членки дури и нема да ги почувствуваат овие заштитни мерки ако ги почитуваат вредностите и принципите врз кои почива Унијата, но во спротивно навистина ќе ги почувствуваат.
Таа најави и дека ќе презентира финансиски пакет за Црна Гора пред летото.
Подготвено од А.Ѓ.