22.04.2026 Скопје
Владејачкото мнозинство на денешната пленарна седница ја протурка потребата од измени на два важни закони и тоа по скратена постапка – измени на Законот за Влада со кои се укинува техничката влада по редовните избори во 2028 година или пo предвремени парламентарни избори, како и измени на Законот за пратеници, според кои пратениците ќе мора да поседуваат само македонско државјанство. Праксата на носење закони на брза лента следи откако претседателот на Собранието Африм Гаши, само пред два дена се пофали со предлогот за сите закони да има јавна расправа.
Опозициската СДСМ ќе го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците да имаат само македонско државјанство, но ќе поднесе амандман законот да важи и за актуелниот пратенички состав. Група пратеници од владејачката партија ги предложи измените на Законот за пратеници, кои ќе се носат по скратена постапка.
Класична измама на власта. Се предлага закон пратениците да не може да имаат повеќе државјанства, и тоа е добро, но никаде не е јасно кажано дека тоа важи и за овој пратенички состав. Законот ќе го поддржиме и амандмански ќе интервенираме тие критериуми да важат и за актуелниот пратенички состав. Едновремено ќе подготвиме закон тоа да важи за сите избрани и именувани функционери – рече лидерот на СДСМ Венко Филипче.
И пратеничката и претседателка на ЛДП Моника Зајкова смета дека законот треба да важи за сите функционери.
– Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на „големите“ партии. Законот треба да важи еднакво за сите. Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите, така да важи и за сите избрани и именувани лица. Без исклучок. Од денес! Еве, нека немаат двојно државјанство и пратениците, и министрите, и директорите – сите. И тоа да важи за сегашните, без одлагање – вели Зајкова.
Таа ги повика пратениците и функционерите да заверат изјава пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата. Доколку се увиди дека некој имал двојно државјансство, вели Зајкова, треба веднаш да си поднесе оставка.
Подготвено од А.Ѓ.