sudenje-kocani

22.04.2026 Скопје

Само една девојка, преживеана во кочанската трагедија, сведочеше на денешното рочиште во судницата во Идризово, а останатите сведоци не можеле да се обезбедат ниту со полиција.

Студентката од Штип, слично како и претходните преживеани сведоци, кажуваше како се случила трагедијата. Во дискотеката пристигнала околу 1 часот по полноќ заедно со пријатели, а пиротехничките средства биле поставени вечерта откако стигнала.

На влезот, како што наведе, имало двајца обезбедувачи, а нивната маса била поставена пред бендот, во непосредна близина на сцената.

Во исказот пред судот таа рече дека во текот на вечерта биле поставувани пиротехнички средства, при што таа реагирала кај своја пријателка дека се наоѓаат премногу блиску до гостите. Додека снимала со мобилен телефон, забележала дека по една минута почнал пожар.

Според сведочењето, во моментот на евакуацијата настанала голема турканица, а зад неа се слушнала експлозија. Рече дека се заглавила меѓу влезната и излезната врата по што почнала тешко да дише.

Сведокот додаде дека и претходно, кога ја посетувала дискотеката, имало случаи на користење пиротехника, како и дека во локалот влегувала и додека била малолетна.

На прашање на судот дали кога била малолетна и одела во „Пулс“ ѝ барале лична карта на влезот, рече „да“ и дека во минатото не била сведок на полициски рации додека таа присуствувала во дискотеката.

На почетокот на судењето обвинителот рече дека за барањето на првообвинетиот за определување мерка куќен притвор ќе се произнесе или писмено или на следното рочиште.

Заради ефикасност на постапката, судијката денеска предложи на следното рочиште да се сослуша уште еден сведок и да се започне со изведување на материјални докази. Првично е предложено да се читаат обдукциите, а потоа да се викнат и патолози од Судска медицина, за да се има основ за поставување прашања и обвинетите, а и јавноста да биде запознаена со содржината.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето се наоѓа во доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author