24.04.2026 Скопје
САД и ЕУ денеска ја продлабочија својата координација за реткоземните минерали, како дел од поширокиот обид на западните сојузници да ја олабават контролата на Кина врз материјалите клучни за напредното производство.
Американскиот државен секретар Марко Рубио и комесарот за трговија на Европската Унија, Марош Шефчович, потпишаа меморандум за партнерство во производството и во обезбедувањето на реткоземни минерали, со посебен акционен план за трговија што беше објавен одделно.
Рубио не ја спомна Кина во своите забелешки, но рече дека прелиминарниот договор со Брисел одразува зголемената свест кај западните сојузници за важноста на синџирите на снабдување и за критичните минерали за нивниот економски успех.
Кина ја користи својата доминација во преработката на многу минерали како геоекономска предност, повремено ограничувајќи го извозот, вештачки намалувајќи ги цените и поткопувајќи ја способноста на другите земји да ги диверзифицираат изворите на материјали што се користат за производство на полуспроводници, електрични возила и на напредно оружје.
Рубио и еврокомесарот Шефчович потпишаа меморандум за соработка во областа на критичните минерали, нагласувајќи дека претераната концентрација на овие ресурси во само неколку земји претставува стратешки ризик. Шефчович изрази надеж дека пилот-проектите за тестирање на механизмот за минимални цени би можеле да започнат уште оваа година.
Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, најави акционен план „за справување со непазарните практики кои ги нарушиле синџирите на снабдување“. Двете страни ќе истражуваат различни механизми — координирани трговски политики, субвенции, договори за откуп и соработка во складирањето.
Неколку недели претходно американскиот трговски претставник Грир изјави дека економските односи меѓу САД и Кина се стабилни и дека Трамп ќе се стреми да ја одржи таа стабилност на претстојната средба со Си Џинпинг во мај.
Вашингтон не барал конфронтација, рече тој, туку обезбедување непречен пристап до кинеските реткоземни метали, додека високите царини на кинески стоки остануваат на сила.
Кина и Америка работат на воспоставување трговски механизам кој би ги дефинирал одржливите размени без преминување на линиите на национална безбедност. Во однос на инвестициите, Грир нагласи дека прво мора да се реши трговскиот дефицит пред да се разговара за поширока инвестициска соработка.
Подготвено од А.Ѓ.