mickoski-samit-eu-zapaden-balkan-1-1024x683

31.03.2026 Скопје

Франција и ЕУ остануваат на ставот дека без уставни измени нема напредок во преговорите, додека македонската влада инсистира на гаранции и предвидливост на процесот. Паралелно со јавните позиции, дипломатски извори откриваат дека зад сцената се водат разговори за можен излез од застојот.

Пораката од Париз не остава простор за различни толкувања – патот кон Брисел не оди преку нови преговарања, туку преку исполнување на веќе договореното. Изјавата на францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер, ја потврдува позицијата дека Преговарачката рамка од 2022 година останува непроменета и дека уставните измени се предуслов за отворање на кластерите во пристапните преговори.

Во изјавата, францускиот дипломат јасно посочува дека преговарачката рамка е усвоена од сите земји членки и дека како таква претставува основа врз која се гради целиот процес. Во тој контекст, уставните измени не се дополнителен услов што може да биде предмет на ново преговарање, туку дел од веќе договорените обврски. Истовремено се нагласува и дека билатералниот дијалог меѓу РС Македонија и Бугарија не треба да се користи за ревидирање на компромисот од 2022 година, туку како механизам за негова имплементација.

Франција, како што се наведува, е подготвена да обезбеди експертска и институционална поддршка за реформите, но без отворање на прашањето за измена на рамката. Овој став се вклопува во поширокиот европски пристап кон проширувањето, кој во последниот период се карактеризира со нагласување на доследноста во спроведувањето на договорените обврски и избегнување преседани што би довеле до ревизија на веќе утврдени правила.

Во врска со гаранциите, познат е процесот на одлучување во рамките на ЕУ, едногласен, односно тоа значи дека 27 земји треба да бидеме на маса и треба да сме согласни. Забележувате дека е тоа доста сложено и во овој контекст гаранциите се невозможни. На крајот на патот сепак ќе има договор за членство што ќе треба да го ратификуваат 27 или 28 или 29 држави членки, не знам, и тоа не е едноставно. Овде наместо гаранции јас мислам дека многу поважно е концептот на предвидливост, да знаеме кон каде се движиме. И ние имаме тенденција да сметаме дека Преговарачката рамка од 2022 година ја дава таа предвидливост создавајќи или дефинирајќи кои би биле етапите што треба да се спроведат. А меѓу тие етапи првата е усвојувањето на уставните амандмани и нашиот став околу тоа е да кажуваме дека доколку утре уставните измени бидат усвоени што априори изгледа возможно затоа што кога го гледаме составот на Собранието, македонската влада има широко мнозинство и не сметаме дека опозициските партии би се спротивставиле на таа важна етапа на патот на државата кон ЕУ – изјави Кристоф ле Риголер.

Позицијата на македонската влада, пак, изразена преку премиерот Христијан Мицкоски, се темели на ставот дека продолжувањето на процесот не е можно без дополнителни гаранции.
Во изјавата, премиерот нагласува дека уставните измени не можат да бидат единствен услов доколку не се прецизираат и други елементи поврзани со процесот.

Поради лошите криминални и предавнички политики на претходната влада нашата позиција е таква каква што е. Но ние ќе се бориме, ова се историски процеси. Кај нашиот источен сосед, политичарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години. Така што, ако треба и ние ќе чекаме децении. Но, политики што директно влијаат врз нашиот идентитет, а од една страна не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, немам намера додека јас сум претседател на Владата по која било цена да влезам во една таква авантура – изјави Мицкоски.

Во рамките на оваа позиција, Владата инсистира и на потребата од гаранции во однос на правата на македонската заедница во Бугарија, како и на појаснување на крајната цел на процесот преку заклучоци на Европскиот совет. Истовремено, се посочува дека носењето на уставните измени зависи од парламентарното мнозинство, со што прашањето добива и силна внатрешнополитичка димензија.

Дополнителен аспект во анализата внесуваат изјавите на други европски дипломати. Италијанскиот амбасадор во земјава посочи дека во рамките на пристапниот процес не може однапред да се обезбедат гаранции дека нема да има ново вето, имајќи предвид дека секоја фаза од процесот бара согласност од сите земји членки на Европската Унија. Ова укажува на институционалната природа на процесот, кој се темели на консензус и политичка одлука на ниво на Унијата.

Паралелно со јавно изразените позиции, дипломатски извори посочуваат дека комуникацијата меѓу македонската влада и меѓународните партнери продолжува. Според брифинг на висок странски дипломат, се водат разговори со цел изнаоѓање решение, иако конкретни детали не се соопштуваат.

Овие информации упатуваат на постоење паралелни процеси: формален, во кој се инсистира на почитување на утврдената рамка, и неформален, во кој се разгледуваат можности за приближување на ставовите. Во таа смисла, евроинтегративниот процес се одвива во услови на јасно дефинирани надворешни критериуми и внатрешни политички позиции, при што динамиката на напредокот останува зависна од нивното усогласување.

Позиционирањето на двете страни – од една страна европските партнери кои инсистираат на имплементација на договореното, и од друга страна македонската влада која условува со дополнителни гаранции – ја дефинира моменталната фаза на процесот, во која формалната рамка останува непроменета, додека политичкиот дијалог продолжува во обид да се најде заедничко решение.

СДСМ: Предадени се националните интереси

Подготвени сме да чекаме и децении, но нема да има уставни измени“ е досега најсилно признание на премиерот Христијан Мицкоски за изолацијата во која ја турка земјата, реагираше опозициската СДСМ преку соопштение.

Со него и неговата организирана криминална група, наведено е таму, РС Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ.

„Ова значи со децении загарантирана сиромаштија, уште поголемо иселување на младите, криминал и корупција без контрола врз грбот на граѓаните. Мицкоски излажа дека ќе го врати името, излажа дека ќе обезбеди подобра преговарачка рамка, одложено дејство. Мицкоски клечеше и молеше за власт, лажејќи го народот дека ќе го промени името, а сега поради него: РС Македонија е на колена. Предадени се националните интереси“, се вели во партиското соопштение.

Висока поддршка за ЕУ, ниска за уставни измени

И покрај застојот во кој се наоѓа евроинтегративниот процес, поддршката за членство на РС Македонија во ЕУ останува висока. Напротив, мнозинството граѓани и натаму ја гледаат Унијата како стратешка цел. Во исто време, отпорот кон уставните измени е значително изразен.

Според последното истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, презентирано на крајот од јануари годинава, 71% од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ, што претставува зголемување од речиси 10 процентни поени во однос на претходната година. Сепак, поддршката за уставните измени е далеку пониска и изнесува 24%.

Истражувањето покажува и јасна разлика по етничка основа: 57% од етничките Албанци се за уставни измени, додека кај етничките Македонци таа поддршка изнесува 11%.

Подготвено од М.Д.

About Author