31.03.2026 Скопје
Според светската статистика, околу една третина од населението умира од кардиоваскуларни болести. Кои се причините за нивно појавување, која популација е најзагрозена, дали се намалува возрасната граница и дали сè повеќе млади имаат проблем со кардиоваскуларни болести, но и кои се методите на лекување.
Докторот вели дека кардиоваскуларните заболувања за жал се една од водечките причини за смртност на општата популација, но за среќа, медицината оди напред и добиваме повеќе оружја за борба против овие болести.
Во односот мажи – жени заштитата од кардиоваскуларни болести на женскиот пол доаѓа од нивните естрогени хормони. Но кога ќе се изедначат хормонски во менопауза, жените се изедначуваат во ризикот со мажите. Просечна гранична возраст како ризик-фактор кога се појавуваат кардиоваскуларните болести е околу 65 години. Најзасегната е возрасната група на пациенти, кај нив, очекувано е и до 80 проценти да се појави барем една болест како хипертензија, атријална фибрилација, срцева слабост. Меѓутоа, често во возрасната популација имаме поликоморбидност, односно повеќе болести кај еден пациент – вели докторот.
За начините на лекување вели дека медицината веќе ни дава многу можности.
Во 1986 година, Американците направиле една студија, каде што за прв пат се обрнува внимание на геријатријаската кардиоваскуларна медицина. Според таа статистика за разлика од 1900 година, до денес животниот век на општата популација е продолжен за цели 30 години. И најчесто тие пациенти ги наоѓаме во нашите установи. И таа бројка ќе расте, би дошла до околу 40% од општата популација кои се на возраст над 65 години, а од нив до 80% имаат кардиоваскуларни заболувања – вели докторот.
Најчести кардиоваскуларни заболувања во возрасната популација се хипертензија, аритмија, срцева слабост, валвуларните заболувања. Вели дека секој повозрасен пациент се третира различно и има индивидуален пристап.
Не е исто ако некој човек има 80 години и може да џогира или да игра тенис и некој кој има 80 години кој не може да дојде сам до нашата ординација. Според овие критериуми, треба да се направи процена на нашите пациенти и да знаеме што би третирале и како би третирале. Американците се водат од една кратенка, 5M се вика, прво е „mind“, значи мозокот дали е бистар, затоа што друго е ако пациентот да е возрасен и има бистра мисла, да знае да разговара, неговата мобилност исто е битна, затоа што во таа возраст има и ревматични заболувања. Наше е да третираме срце, да ставаме стентови, да му овозможиме добра перфузија, ако човекот е легнат во кревет нема да може да добие градна болка, третираме со лекови, третираме поликоморбидните болести, меѓутоа најбитно е пацеинтот да се лекува.
За појавата на кардиоваскуларни болести кај млади вели дека негова констатација врз основа на пациентите кои му доаѓаат е генетската предиспозиција. На второ место е стресот, односно начинот на живот, а потоа другите коморбидни заболувања како хипертензија, неправилна срцева работа, пушењето, алкохолот и немањето физичка активност. Најмладиот пациент на кој му вградил стент имал 37 години, а највозрасниот 82 години.
За пациентите вели дека превентивните прегледи се најдобриот лек, бидејќи кардиоваскуларните болести ги откриваат на помлада возраст, бидејќи кај повозрасната популација треба лекување. За инфарктот вели дека има симптоми кои го навестуваат, а во одреден момент се јавува силна градна болка во градите, се шири кон долната вилица, кон двете рамења, кон стомакот.
Ако се појави инфарктот, нашите препораки се да се интервенира што е можно побрзо.Тоа значи дека од моментот на пристигање во болница до отворање на запушената крвна жила, треба да поминат помалку од 90 минути и тогаш ефектот на отворањето на таа крвна жила е најдобар, односно најмногу мускулна маса од срцето би спасиле и инвалидизираноста, во наводници на тој пациент би била помала. Мојот совет до пациентите им е да не се водат од некои препораки коишто ги наоѓаат на социјални мрежи. Ако има градна болка, се кашла или не може да се зема длабоко во воздух веднаш да се упати пациентот до најблиската амбуланта – вели докторот.
Подготвено од М.Д.