660413475_1481268186959799_1505255280265797358_n-1024x683

31.03.2026 Скопје

По реакциите на граѓаните дека по воведувањето на зонското паркирање во Реонски центар, жителите ќе можат да паркираат бесплатно само во зоната во која се регистрирани, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски реши да ги послуша забелешките, па останува да важи старото правило.

Дадена е насока до директорот на ЈП ,,Градски паркинг”, во општина Аеродром, во Реонскиот центар каде се воведува зоната Д12, останува да важи старото правило: секој резидент – физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно. И ова правило останува да важи за цел Аеродром! Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша, туку и се почитува. Нашиот народ е секогаш во право! – информира Ѓорѓиевски.

Градоначалникот соопшти дека  во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање и во Ново Лисиче, каде како што вели, веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, по што ќе следува и поставување информативни табли. Со ова, како што тврди, ќе се обезбедат вкупно 2719 паркинг места кои ќе бидат конкретно решение за реалниот проблем.

Истовремено, правиме чекор напред и во дигитализацијата. Од 01.04.2026 година, граѓаните ќе можат електронски да поднесуваат барања за дозволи преку платформата „moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи. Дополнително, овозможено е и онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со што процесот станува побрз, поедноставен и достапен за сите – рече градоначалникот.

Колку за потсетување, жителите на Ново Лисиче се заканија со протести и блокади доколку не се одложи воведувањето на зонско во Реонски центар сè додека не се овозможат услови за истовремено да се воведе и во Ново Лисиче. Истовремено, огромни реакции стигнаа на најавата на ограничување на бесплатното паркирање по зони.

Градоначалникот засега им излезе во пресрет на барањата на жителите да се задржи старата практика, жителите да се паркираат бесплатно во сите зони во општината. До примената на зонското во Реонски остануваат уште два дена, па дотогаш можеби Ѓорѓиевски ќе ги послуша и барањата на граѓаните од Ново Лисиче.

Подготвено од М.Д.

About Author