toplo-1

26.06.2026 Скопје

Екстремниот топлотен бран што ја погоди Европа повторно ја отвори политичката дебата за климатските промени, при што десничарските партии сè повеќе се залагаат за прилагодување кон последиците од глобалното затоплување, како што е масовното инсталирање клима уреди, додека експертите предупредуваат дека, покрај адаптацијата, неопходни се и мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Додека температурите во Абердин, Шкотска, минатата недела беа само 12 степени Целзиусови, лидерката на Британската конзервативна партија, Камил Баденох, повика на зголемена експлоатација на нафта и гас од полињата во Северното Море.

„Војната против нафтата и гасот мора да престане. Велика Британија треба повторно да започне со дупчење“, рече Баденок, обраќајќи се пред поддржувачите во Абердин, важен центар за нафтената индустрија во североисточна Шкотска.

Само осум дена подоцна, делови од јужна Англија и Велс беа погодени од силен топлотен бран, при што температурите во Лондон се приближија до 38 степени Целзиусови.

Поради жештината, училиштата беа затворени, поаѓањата на возовите беа откажани и доцнеа, некои болници ги суспендираа планираните процедури, додека отворањето на Лондонската недела на климатската акција беше откажано откако Британската метеоролошка служба издаде највисоко ниво на предупредување.

За политичари како Баденок, која се опишува себеси како скептик кон политиките за нула јаглерод, сè почестите и интензивни топлотни бранови претставуваат предизвик во објаснувањето на поддршката за фосилните горива, кои придонесуваат за глобалното затоплување.

Портпаролот на конзервативната партија за енергија, Ендру Боуви, изјави дека неговата партија ја поддржува транзицијата кон почисти извори на енергија, но верува дека процесот мора да биде постепен.

„Нема смисла да се следат цели за нето нулта емисија ако тоа ќе ги зголеми сметките за енергија, ќе доведе до деиндустријализација и ќе ги намали приходите што можеме да ги генерираме од експлоатацијата на нафтата и гасот од Северното Море“, рече Боуви.

Последиците од високите температури веќе се чувствуваат низ цела Европа.

Според италијанската новинска агенција, пет лица починале во Италија од последиците на жештината, вклучувајќи работници кои работеле на отворено и еден бездомник.

Во Франција, најмалку 40 лица починаа откако се удавија додека пливаа во необезбедени базени, додека лондонската служба за брза помош соопшти дека во среда регистрирала најголем број интервенции опасни по живот во својата историја.

Иако постои широка согласност дека е потребна акција, се појавуваат политички разлики околу тоа како да се одговори на климатските промени.

Десничарските партии во неколку европски земји сè повеќе ја нагласуваат потребата од масовно инсталирање клима уреди во домаќинствата, училиштата, болниците и јавните институции, сметајќи дека ова е најбрзиот начин да се заштити населението од екстремни температури.

Таквиот пристап, како што истакнува „Њујорк тајмс“, им овозможува на политичарите да се фокусираат на подобрување на застарената инфраструктура на европските градови, без да се осврнат на основната причина за климатските промени – растот на емисиите на стакленички гасови.

Во Франција, крајната десница го користи моменталниот топлотен бран за да ја обвини владата дека не ја подготвува соодветно земјата за екстремни временски услови, но и да ја критикува левицата, која со години не сакаше пошироко да користи климатизација од еколошки причини.

Лидерката на Францускиот национален собир, Марин Ле Пен, најави дека, доколку биде избрана за претседател, ќе започне сеопфатна програма за инсталирање климатизација, првенствено во зградите во кои се сместени најранливите категории на населението.

Таа тврди дека противниците на клима уредите погрешно ги претставуваат научните истражувања и верува дека нивната употреба не е главната причина за климатските промени.

Сепак, експертите предупредуваат дека иако модерните клима уреди се енергетски поефикасни од порано, тие ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија, ги оптоваруваат електричните мрежи и дополнително го загреваат надворешниот воздух со ослободување на топлина.

Во северноевропските земји, каде што летата традиционално се благи, левичарските и зелените партии долго време се залагаат за адаптирање на зградите преку подобра изолација, зеленило и архитектонски решенија, наместо инсталирање климатизација. Сепак, овогодинешниот топлотен бран доведе до промена на ставовите.

Градот Гент во Белгија првично им советуваше на граѓаните да избегнуваат користење клима уреди со пораката дека „најдобриот клима уред е дрвен“, но по критиките ја промени препораката во „ладете паметно“.

Портпаролот на градоначалникот на Гент, Томас Диркенс, изјави дека градот не е против употребата на климатизација и потсети дека оваа недела во градинките беа инсталирани 30 преносни уреди.

Пратеникот на фламанскиот парламент Мауриц Ванде Риде оцени дека спротивставувањето на климатизацијата е последица на, како што изјави, „левичарско-зелената идеологија“, обвинувајќи ги властите дека со такви совети ги загрозуваат животите на граѓаните.

Лидерката на француската Зелена партија, Марин Тонделиер, изјави дека „скршила табу“ кога признала дека има места каде што климатизацијата повеќе не е луксуз, туку неопходност.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека училиштата, болниците и канцелариите во британскиот главен град ќе треба да бидат опремени со клима уреди за да се подготви градот за уште поинтензивни топлотни бранови во иднина.

Копретседателката на Зелените во Европскиот парламент, Тери Рајнтке, оцени дека климатизацијата на одредени локации е неопходна, но дека таа мора да биде дел од поширока стратегија што вклучува озеленување на градовите и други долгорочни мерки.

Копретседателот на групата на европските конзервативци и реформисти во Европскиот парламент, Никола Прокачини, минатиот месец изјави дека Европската Унија посветува премногу внимание на намалувањето на емисиите, а недоволно на прилагодување кон климатските промени и заштитата на граѓаните.

За разлика од Соединетите Американски Држави, каде што климатските промени станаа едно од најполаризирачките политички прашања, во Велика Британија и поголемиот дел од Европа, според анкетите на јавното мислење, сè уште постои широка поддршка за мерките за борба против глобалното затоплување.

Според минатогодишното истражување на Евробарометар, околу 85 проценти од граѓаните на Европската Унија веруваат дека климатските промени се сериозен глобален проблем, додека научните студии покажуваат дека екстремните временски настани генерално ја зголемуваат поддршката за политиките за заштита на климата, особено во периоди на стабилен економски раст.

Од друга страна, професорката на Универзитетот во Њукасл, Хејли Фаулер, предупреди дека сè почестите и интензивни топлотни бранови се директна последица од согорувањето на фосилните горива и дека е потребно и прилагодување кон новите климатски услови и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Според експертите, климатските промени напредуваат побрзо отколку што општествата, вклучувајќи ги и најбогатите земји, се во можност да се прилагодат на нив.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author