10.08.2026 Скопје
Екстремните топлотни бранови и суша што ова лето ќе погодат големи делови од Европа би можеле речиси целосно да го уништат очекуваниот економски раст на Европската Унија, според студија објавена денес од холандската банка Триодос.
Според извештајот на оваа банка специјализирана за одржливи проекти, нарушувањата поврзани со топлината ќе го намалат бруто домашниот производ (БДП) на Европската Унија за околу еден процент во 2026 година, што одговара на директна економска загуба од приближно 180 милијарди евра.
Главната причина за економските загуби е падот на продуктивноста на трудот поради високите температури, што само по себе ќе го намали БДП на Унијата за околу 0,6 проценти.
Покрај тоа, се очекува земјоделското производство да се намали за три до седум проценти.
Студијата предупредува дека дополнителен притисок врз економијата се создава со зголемување на цените на храната, ограничувања на производството на електрична енергија и зголемување на цените, како и сериозни нарушувања во патниот, железничкиот и речниот транспорт.
Франција ќе биде најтешко погодената земја, бидејќи честите топлотни бранови би можеле да го намалат БДП за 1,4 проценти и да доведат до вкупен пад на економската активност оваа година од 0,6 проценти.
Значителни загуби им се закануваат и на Италија, Шпанија и Белгија, додека земји како Полска ќе претрпат поблаги последици.
Европската комисија претходно прогнозираше годишен економски раст за Европската Унија во 2026 година од 1,1 процент, додека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува скромен раст од 0,9 проценти за еврозоната, што укажува дека силната летна жештина би можела целосно да го неутрализира очекуваното закрепнување.
Подготвено А.Ѓ.