okeannn

10.08.2026 Скопје

Светските океани ја достигнаа највисоката просечна температура на површината на морето досега регистрирана во јули, според податоците од службата за следење на климатските промени „Коперникус“ на Европската унија.

Просечната температура на површината на морето надвор од поларните региони, помеѓу 60 степени северна и 60 степени јужна географска ширина, била 20,96 степени Целзиусови во јули. Со ова е соборен претходниот рекорд од 20,89 степени, поставен во 2023 година.

Според податоците на „Коперник“, јули беше и вториот најтопол јули во историјата на мерењата, со температура за 1,47 степени Целзиусови повисока од проценетиот прединдустриски просек.

Температурите на океаните, според експертите, се делумно под влијание и на развојот на феноменот Ел Нињо во Тихиот Океан. Ова е природен климатски феномен кој, во комбинација со глобалното затоплување, може да придонесе за зголемување на температурите и појава на поекстремни временски услови.

Во исто време, Западна Европа забележа исклучително високи температури. Според достапните податоци, западниот дел од континентот ги имаше најтоплите јуни и јули досега, додека продолжените топли и суви услови придонесоа за ширење на големи шумски пожари.

Велика Британија се подготвува за својот петти топлотен бран оваа недела, бидејќи сушата дополнително ги намалува резервите на вода.

Температурите на површината на морето достигнаа рекордно високи нивоа по должината на атлантскиот брег на Европа и во западниот Медитеран во јули, што придонесе за широко распространети и интензивни морски топлотни бранови.

Франција, Шпанија, делови од Германија и Велика Британија имаат многу малку врнежи од дожд од почетокот на летото. Влажноста на почвата низ поголемиот дел од Западна Европа беше значително пониска отколку во 2022 година, кога тој дел од континентот беше погоден и од силна суша.

Проблемите ги погодија и европските реки. Нивото на водата е далеку под просекот на многу места, а особено се погодени Сена, Рајна и Дунав.

Подготвено А.Ѓ.

About Author