KOLUMBIJA ZEMJOTRES

10.08.2026 Скопје

Најмалку 70 лица загинаа во силен земјотрес што го погоди северозападниот дел на Колумбија, соопштија денес локалните власти, додавајќи дека има уште луѓе заробени под урнатините.

Во градот Переира загинаа 40 лица, изјави градоначалникот Маурисио Салазар.

Две лица загинаа во градот Манизалес и 27 во департманот Вале дел Каука, во кој спаѓа и Кали, трет по големина град во Колумбија, соопштија официјални лица.

Градот Кали претрпе голема материјална штета, а градоначалникот Алехандро Едер изјави дека најмалку 25 згради се урнале и дека има луѓе заробени во урнатините.

„Побарав помош од Богота и Меделин да испратат спасувачи“, напиша Едер во порака на својот профил на социјалните мрежи, повикувајќи ги граѓаните да „останат смирени и да ги напуштат зградите“ доколку видат големи пукнатини.

Аеродромите во Кали, Переира, Манизалес, Кибдо, Ерменија, Картаго и Буенавентура ги прекинаа операциите откако претрпеа штети во земјотресот.

Колумбија денес беше погодена од најсилниот земјотрес во последните десет години, со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во Сан Хозе дел Палмар. Потресите беа почувствувани и во соседните земји, додека низ целата земја беа пријавени повредени, урнати згради и друга материјална штета, објави Колумбискиот геолошки завод.

Колумбискиот геолошки завод на социјалните мрежи соопшти дека земјотресот бил „широко почувствуван во различни делови од земјата и во соседните земји како што се Венецуела, Еквадор и Панама“.

Досега се регистрирани два последователни потреси, со магнитуда од 2,8 и 4,8 степени, соопшти службата, додавајќи дека ќе објави „официјални и навремени информации“ штом ќе бидат достапни нови податоци.

Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есперанца изјави дека лично ќе ги надгледува напорите за помош по земјотресот.

Де ла Есприела рече дека наредил формирање на обединета командна станица во Сан Хозе дел Палмар, епицентарот на земјотресот, за да им се обезбеди помош на погодените.

Тој, исто така, побара „детален извештај“ од директорот на Националната единица за управување со ризици од катастрофи на Колумбија.

Градоначалникот на Богота, кој се наоѓа на околу 400 километри источно од епицентарот, објави на X дека нема поголеми штети во главниот град, но дека земјотресот бил почувствуван и таму.

Колумбиската управа за цивилно воздухопловство соопшти дека е предизвикана штета и на аеродромите во Переира и Кибдо, како и на неколку други аеродроми.

Жителите на Манизалес се повикани да се вратат во своите домови и да избегнуваат непотребни патувања.

Наставата во училиштата и универзитетите е прекината до понатамошно известување, соопшти канцеларијата на градоначалникот во Икс.

Гувернерот на западниот колумбиски регион Чоко, Нубија Каролина Кордоба-Кури, изјави дека има „значителна штета“ на зградите и неколку повредени во главниот град на регионот, Кибидо.

„Загрижени сме за можни последователни потреси. Иако епицентарот беше во Сан Хозе дел Палмар, има повредени и значителни штети на зградите во главниот град (Кибидо). Веќе ја проценуваме штетата“, напиша Кордоба-Кири на својот X профил.

Во Кали и Манизалес, фасадите паднаа од многу згради, а во Манизалес, една од кулите на катедралата беше оштетена.

Во колумбискиот град Кибдо, главен град на департманот Чоко, кој се наоѓа на брегот на Пацификот, се урнаа неколку згради, има повредени, но точниот број засега не е познат, изјави Нубија Каролина Кордоба, гувернер на Чоко.

Дел од покривот на меѓународниот аеродром Матекања се урна, а екипите се обидуваат да стигнат до луѓето заробени во урнатините. Властите сè уште не пријавија повредени или смртни случаи.

Земјотресот бил почувствуван и рано утрово во Венецуела, Еквадор и Панама, според локално време.

Земјотресот се случил околу 34 километри северозападно од градот Картаго, а епицентарот бил на длабочина од 115 километри.

Подготвено А.Ѓ.

About Author