17.08.2026 Скопје
Нуклеарните централи во Словачка имаат доволно вода за ладење дури и во периоди на суша, изјави денес словачкиот премиер Роберт Фицо по посетата на нуклеарната централа Јасловске Бохунице во регионот Трнава.
Фицо рече дека нуклеарните централи во Словачка, за разлика од електраните погодени од суша во Унгарија и Романија, користат различна технологија која бара значително помалку вода за ладење.
„Во случајот со нуклеарните централи во Словачка и Јасловске Бохунице и Моховац во регионот Нитра, имаме кули за ладење. Тоа е она што нè разликува од нуклеарните централи што ги гледаме во Унгарија или, на пример, во Романија“, нагласи Фицо.
Бранислав Стричек, извршен директор на енергетската компанија „Словенске Електрарна“, рече дека затоа во Словачка нема опасност од ситуацијата забележана во тие земји.
Според Фицо, кога четвртиот блок на нуклеарната централа Моховце ќе биде целосно оперативен, Словачка ќе може да извезува околу 500 мегавати електрична енергија, што одговара на производството на приближно еден нуклеарен реактор.
Тој додаде дека нуклеарните централи ќе произведуваат околу 75 проценти од вкупната потрошена електрична енергија во Словачка.
„Ние сме светски лидер кога станува збор за уделот на електрична енергија произведена во нуклеарните централи“, рече словачкиот премиер.
Подготвено од А.Ѓ.