21.04.2026 Скопје
Светската jавност со нетрпение го очекува утрешниот ден, поточно 22 април, кога во Исламабад треба да започне втората рунда мировни разговори меѓу САД од една страна и Иран од друга. Иако Техеран изразуваше силен скептицизам за средбата пред само два дена, велејќи дека разговорите „немаат јасна перспектива“ за конструктивен дијалог, сепак најновите сигнали сугерираат дека дипломатијата може да добие уште една шанса во последните секунди пред истекот на прекинот на огнот, анализираат регионалните и светските медиуми.
Американската делегација, според најавите, ќе ја предводи потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, кој се очекува да пристигне во пакистанскиот главен град денес попладне според средноевропско време. Тој ќе биде придружуван од клучни личности од администрацијата на Трамп, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на претседателот, Џаред Кушнер, што јасно укажува на важноста што Вашингтон ја придава на оваа средба.
Од другата страна на масата пак, се очекува иранската делегација да ја предводи претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф, под услов да бидат исполнети безбедносните и политичките предуслови за тоа.
Меѓутоа, патот до договор е поплочен со длабока недоверба на страните во конфликтот. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан предупреди на „неконструктивни и контрадикторни сигнали“ од Вашингтон, опишувајќи ги како обид да се принуди Техеран да се предаде.
„Иранците не се покоруваат на силата“, рече Пезешкијан, додека Галибаф беше уште поотворен, истакнувајќи дека Техеран веќе „подготвил нови мапи за бојното поле“ доколку разговорите не успеат.
Претседателот Доналд Трамп дополнително ја искомплицира ситуацијата со изјави што предизвикаа конфузија во меѓународните кругови. Откако првично објави дека привременото примирје ќе истече на 21 април, Трамп изјави дека го продолжува рокот за уште еден ден, до среда вечерта по време во Вашингтон, за да се овозможи средба во Исламабад.
Сепак, неговиот тон останува исклучително решителен, продолжувањето на бомбардирањето е реална опција ако не се постигне договор што трајно би го спречил Иран да се здобие со нуклеарно оружје.
„Никој нема да ме натера да брзам со лош договор. Го имаме сето време што ни е потребно“, рече Трамп, нагласувајќи дека понатамошното продолжување на примирјето е „крајно малку веројатно“.
Во меѓувреме, додека дипломатите ги пакуваат куферите, ситуацијата на терен се заканува да ескалира во целосен конфликт. Стратешкиот Ормуски Теснец повторно стана епицентар на глобалната нестабилност. Откако САД запленија товарен брод со контејнери под иранско знаме, Техеран одговори со обновување на блокадата на преминот низ кој тече клучен дел од светската нафта.
Ефектот врз светските пазари беше непосреден. Цената на суровата нафта од типот брент скокна на над 95 долари за барел. Комерцијалниот сообраќај е речиси запрен, а само три танкери поминаа низ теснецот во понеделникот.
Паралелно на ова, домаќинот на разговорите, Пакистан, презеде вонредни безбедносни мерки. Главниот град е практично парализиран, јавниот превоз е суспендиран, а локалните власти дури ветија дека ќе ги укинат ограничувањата за електрична енергија, кои станаа секојдневна појава поради недостигот на енергија предизвикан токму од спорот меѓу Иран и САД.
Сепак, во пресрет на интензивната дипломатска агенда, се засилуваат и очекувањата дека претстојните разговори меѓу Џеј Ди Венс и Мохамед Багер Галибаф би можеле да имаат пошироки импликации врз регионалната стабилност. Во исто време, најавената рунда амбасадорски разговори меѓу Либан во Вашингтон дополнително ја нагласува меѓусебната поврзаност на кризите во регионот.
Иако преговорите се водат на повеќе паралелни фронтови, аналитичарите предупредуваат дека нивниот исход би можел да има директно влијание не само врз безбедносната состојба на Блискиот Исток, туку и врз глобалната економска стабилност.
Подготвено од М.Д.