politichki izbori

06.04.2026 Скопје

Поранешниот словенечки претседател Борут Пахор во интервју предложи радикален зафат во политиката на проширување на Европската Унија: во 2028 година да се организираат референдуми во сите земји кандидатки, па оние што ќе гласаат „за“ – веднаш да станат членки.

Пахор не крие дека ваквиот модел би бил повеќе од техничко решение.

Тој го гледа како демонстрација на сила, сигнал дека Унијата конечно е подготвена да се постави како геополитички играч, а не само како бавна администрација која постојано мери и премерува.

Потсетува дека Словенија влезе во ЕУ во 2004 година, Хрватска во 2013, а остатокот од регионот стои заглавен во чекалницата.

Во Брисел, дури и кога има поволен геополитички момент, не се гледа доволно волја тој да се искористи за вистински исчекор, а во регионот речиси и да нема сериозни резултати во реформите – вели Пахор, сумирајќи ја двостраната одговорност за застојот.

Едните не туркаат доволно, другите не испорачуваат – и кругот се затвора, посочува тој.

Најавите дека Црна Гора би можела да стане членка до 2028 година, а Албанија нешто подоцна, тој ги чита повеќе како политичка порака отколку како реален резултат.

Не станува збор за некакви големи достигнувања, туку за одлука да се одржи впечаток дека проширувањето не е мртво – додава Пахор.

Предлогот, сепак, оди чекор подалеку. Референдуми во сите земји-кандидати, брз влез за тие што ќе гласаат „за“, но со компромиси – ограничување на одредени права, како ветото или позицијата комесар.

Но, и самиот Пахор признава дека идејата тешко ќе се реализира.

Европската Унија, вели тој, сè уште не е велесила како САД или како Русија за со една одлука да пресече и да го забрза процесот. Балканот останува простор каде што се зборува за стратегија – ама ретко се гледа решителност.

Од друга страна, аналитичарите не гледаат дека оваа иницијатива носи суштинска новина.

Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“, оценува дека сè што излегува надвор од постојните договори би барало нивна претходна измена.

Сè што излегува надвор од договорите бара претходно измена на истите тие договори. Оттаму, не ја гледам целта, ниту големата отстапка. Не гледам ниту како тоа би било креативно решение. Се разбира, актуелните политичари се тука да работат, а бившите да размислуваат за работите што требало да ги завршат порано. Сакам да кажам, нема штета да се размислува на оваа тема, ама нема ниту полза – посочува Стојковски.

Сличен скептицизам доаѓа и од Ристо Никовски. За него, предлогот на Пахор „убаво одѕвонува“, но само во чекалницата за ЕУ.

Идејата на Пахор е изолирано мислење коешто убаво одѕвонува во чекалницата за ЕУ. Ништо повеќе. Неспорен факт е дека највлијателните членки на Унијата се против проширување. Ако 62 проценти од Германците и 61 процент од Французите се против, кој нивен лидер ќе оди во таа насока? Слични индикатори има едно чудо – коментира Никовски.

Впрочем, додава тој, Брисел веќе направи втора лига за кандидатите.

Политичкиот дел е апсолвиран со Европската политичка заедница, со 50-тина членки, сите европски земји, која веќе одржа, чинам, пет самити. Економскиот дел е покриен со четирите столба на Урсула фон дер Лајен. Првиот е – поширока пристапност на кандидатите до заедничкиот пазар, вториот е – регионална соработка, третиот е – внатрешни реформи, и четвртиот – поголема пристапност до фондовите на ЕУ. Во тој контекст, веќе се одредени шест милијарди евра за балканските кандидати, коишто се оперативни – објаснува Никовски.

Тој отворено вели дека не треба да се залажуваме дека би можеле да станеме официјална членка на ЕУ преку некои новоизмислени формули и процедури.

Не треба да се залажуваме. ЕУ нема уште долго да се проширува и, единствено, исклучок може да направат со Црна Гора, за да покажат дека проширувањето не е мртво. Ништо повеќе. Шансите да ја примат и Албанија се минимални и може да ја „истурка“ само евентуален жесток притисок на САД, којшто сега не изгледа логичен – вели Никовски.

Бугарскиот заменик министер за надворешни работи Марин Рајков во интервју повтори дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав е главен услов за РС Македонија да започне вистински преговори за членство во ЕУ.

Слушајќи ги изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во последните денови дека нема да дозволи со децении да се исполнат условите што би можеле да отворат преговори за членство, промената на уставот и уставната гаранција за правата на Бугарите, тоа го разбирам дека одредени кругови во РС Македонија се посклони да губат повеќе време на македонските граѓани – рече Рајков.

Тој додаде дека проблемот не треба да се гледа како билатерален спор меѓу Софија и Скопјe, туку во контекст на обврските на РС Македонија кон ЕУ.

Факт е дека нивниот министер за надворешни работи – Тимчо Муцунски, оди од канцеларија во канцеларија во Брисел и се жали на ЕУ, на Бугарија, на разни работи. Ние не сакаме да влегуваме во таква шема, да влегуваме по него, бидејќи не сакаме ова прашање да се перципира како билатерално. Тврдењето дека постои билатерален проблем меѓу Бугарија и РС Македонија е крајно манипулативно. Проблемот е повеќе меѓу Скопје и ЕУ. И неисполнување на условите рече Рајков.

Ова не е првпат Европа да бара „кратенка“ за проширувањето. Напротив, со години наназад се редат модели, формули, па и цели концепти што треба да го оттурнат процесот од мртва точка. Некои веќе се применуваат, други остануваат во фаза на идеја, трети се појавуваат и исчезнуваат, зависно од политичкиот ветер.

Се зборуваше за „Европа во повеќе брзини“, каде дел од земјите би се движеле побрзо, а други побавно, без да се чека сите да стигнат истовремено. Потоа дојде новата методологија на преговори со кластери, која е формално воведена, со цел да го забрза процесот, но на терен често критикувана дека го направила уште покомплициран.

Во меѓувреме, сè погласно се турка идејата за постепена интеграција, односно кандидатите да влегуваат чекор по чекор во европските политики, фондови и на пазарот, без да чекаат полноправно членство.

Паралелно, се формираше и Европската политичка заедница – формат што ги собира и членките и кандидатите на иста маса, но без вистинска интеграција. За некои тоа значи мост, но за други значи испраќање порака дека членството може да почека.

Во позадина постојано кружат и порадикални идеи: ограничување на правото на вето, институционални реформи, па дури и временски рокови за прием.

Подготвено од М.Д.

About Author