image-229141

06.04.2026 Скопје

Сите работи на првата делница на „Градскиот воз“ од Зелениково до Транспортен центар Скопје долга 25 километри ќе бидат завршени во предвидениот рок до јуни годинава. Во текот на летниот период ќе се прават тестирања, а од 1 септември таа треба да биде пуштена во употреба, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

За другите две делници ќе биде распишан еден тендер што би требало да значи дека ќе се скрати рокот на комплетно завршување на проектот за „Градски воз“ за најмалку една година, додаде тој, односно дека трите линии ќе бидат функционални на крајот на 2027 година.

До денес, вели Николоски, прогресот на првата линија која што оди од Зелениково, преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и Нова железничка станица е 65 проценти, што е согласно динамичкиот план.

Според него, за таа цел со Железница Транспорт интензивно работат на обезбедување на дополнителни гарнитури на возови, за тоа што ќе се зголеми сообраќајот и тоа е проект кој што го работиме исто така интензивно, паралелно со овој инфраструктурен проект.

Николоски посочи дека проектот „Градски воз“ првично бил замислен во три фази, но поради побрзото од очекуваното проектирање од страна на ЈП Железници Инфраструктура, годинава се очекува да биде распишан еден заеднички тендер за втората и третата делница. Со тоа, како што рече, рокот за целосно завршување на проектот би се скратил за најмалку една година, па наместо подоцна, сите три линии би можеле да бидат функционални до крајот на 2027 година. Министерот оцени дека тоа, заедно со добрата координација со ЈСП, значително ќе помогне во растоварување на сообраќајот во Скопје, а доколку паралелно се реализира и БРТ-системот, до 2029 година би можело да има сосема нова слика во градскиот превоз.

Инаку, БРТ, односно брз автобуски превоз, е систем на јавен транспорт што функционира како „автобуски трамвај“ — автобуси со голем капацитет се движат по посебно издвоени ленти, застануваат на уредени станици каде билетите се валидираат однапред и затоа се побрзи, поредовни и помалку заглавуваат во метеж.

„Идејата е возот да сообраќа на секој час“

Николоски најави и дека идејата е „Градскиот воз“ да сообраќа на секој час, освен во доцните вечерни часови, при што возниот ред ќе се усогласува со ЈСП за автобусите да можат да ги преземаат патниците од железничките станици. Според Николоски, целта е билетот за оваа услуга да не биде поскап од сегашниот билет на ЈСП за најоддалечените дестинации, иако конечната цена допрва ќе се утврдува.

Во меѓувреме, директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, информираше дека првата делница, долга 25 километри, се реализира според планот и треба да биде завршена до крајот на мај или во јуни, а на терен се заменуваат стари дрвени прагови со бетонски, со што брзината на возење ќе се зголеми од сегашните 20-30 на 80-90 километри на час. Ивановски додаде дека се работи и на модернизација на патните премини, особено во Драчево, каде трите проблематични премини треба да бидат заменети до летото, со што ќе се подобрат и безбедноста и ефикасноста на делницата.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека паралелно тече и постапка за набавка на 100 нови автобуси за Скопје, а како дополнително унапредување го посочи и најавениот БРТ систем, за кој наскоро, според него, ќе бидат соопштени повеќе детали.

Инаку, пред околу една година, Николоски најави дека очекува првата линија на „Градскиот воз“  да биде во функција до крај на 2025 година.

Подготвено од М.Д.

About Author