17.04.2026 Скопје
Во момент кога Блискиот Исток повторно стои на работ меѓу деескалација и нова криза, десетдневното примирје меѓу Израел и Либан отвора дилема, дали станува збор за вистински чекор кон мир во регионот или само за краткотрајно затишје во долгогодишниот конфликт.
Имено, како што наведуваат светските медиуми, примирјето, кое вчера стапи на сила со посредство и силна поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп, доаѓа во период на засилени дипломатски активности и паралелни разговори меѓу САД и Иран. Американскиот претседател изрази оптимизам дека наскоро би можел да се постигне поширок договор кој би ставил крај на конфликтите во регионот.
„Мислам дека сме многу блиску до договор со Иран“, изјави Трамп, најавувајќи можност за средба веќе овој викенд, па дури и потенцијално потпишување договор во Исламабад.
Дипломатијата во офанзива
Според извори вклучени во посредувањето, разговорите меѓу Вашингтон и Техеран напредуваат, со можност прво да се потпише меморандум за разбирање, а потоа и сеопфатен договор во рок од 60 дена. Клучна улога во процесот има пакистанското посредување, предводено од армискиот врв, кое веќе успеало да придвижи дел од спорните прашања.
Главен камен на сопнување остануваат иранските нуклеарни амбиции. Додека САД предлагаат долгорочно, односно 20-годишно замрзнување на нуклеарните активности на Техеран, каде што од друга страна Иран инсистира на значително пократок временски период. Сепак, сигналите дека двете страни се приближуваат кон компромис ја хранат надежта за поширок регионален договор.
Трамп: Иран ќе го предаде ураниумот, крајот на војната е блиску
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран се согласил да го предаде збогатениот ураниум, едно од најспорните прашања во преговорите, оценувајќи дека војната може наскоро да заврши, пренесуваат светските агенции.
Говорејќи на настан во Лас Вегас, Трамп истакна дека разговорите се одвиваат „одлично“ и најави дека нова рунда преговори би можела да започне веќе овој викенд.
Претходно, од Белата куќа, тој рече дека Техеран прифатил да не развива нуклеарно оружје и да го предаде она што го нарече „нуклеарен прав“, односно збогатен ураниум кој, според него, бил складиран под земја по минатогодишните американско-израелски напади.
Официјален Иран засега не се огласи по овие тврдења. Трамп додаде дека не е сигурен дали ќе има потреба од продолжување на примирјето, кое истекува за пет дена, што остава неизвесност околу конечниот исход на преговорите.
Кревко примирје на терен
Во меѓувреме, ситуацијата во Либан привремено се смирува. Трамп веќе разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Џозеф Аун, со план да ги покани на разговори во Белата куќа.
Иако Хезболах најави дека ќе го почитува прекинот на огнот, од движењето испратија и јасна порака дека нема да прифатат разоружување без поширок безбедносен договор.
„Примирјето е неопходно, но нема да се откажеме од нашата одбранбена позиција без сеопфатна стратегија“, порача висок функционер на Хезболах.
Ова укажува дека, и покрај моменталното затишје, клучните безбедносни прашања остануваат нерешен фактор што може брзо да го наруши постигнатиот баланс, посочуваат медиумите во своите анализи.
Меѓународна поддршка, со доза на претпазливост
Во исто време светските лидери го поздравија примирјето, но со внимателен оптимизам. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека договорот претставува „олеснување“, нагласувајќи дека конфликтот веќе однел премногу животи и дека мора да се отвори пат кон траен мир.
Слична порака испрати и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој потврди дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Либан.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, го нарече прекинот на огнот „клучен чекор“. Обединетите Арапски Емирати повикаа на спречување на нова ескалација и создавање услови за стабилност.
Иако примирјето носи моментално олеснување, аналитичарите предупредуваат дека неговата одржливост ќе зависи од многу пошироки фактори, пред сè од исходот на американско-иранските преговори и од подготвеноста на регионалните актери за компромис.
Без решавање на клучните прашања од нуклеарната програма на Иран до статусот и улогата на Хезболах, примирјето ризикува да остане само уште една кратка пауза во циклусот на насилство. Во таков контекст, прашањето не е дали ќе има мир, туку колку долго ќе трае.
Подготвено од М.Д.