EBOLAAA

13.07.2026 Скопје

На североистокот на Демократска Република Конго се тестираат два експериментални лекови против сојот Бундибугио на вирусот ебола, како дел од меѓународен проект предводен од универзитети, фармацевтски компании и Светската здравствена организација (СЗО), а експертите се надеваат дека новата терапија ќе ја намали смртноста кај пациентите, откако претходно покажа ветувачки резултати во студиите врз животни.

Во испитувањето се користи антивирусниот лек ремдесивир, кој веќе е во употреба, и експерименталниот лек MBP134, кој содржи протеини способни да го препознаат и неутрализираат вирусот.

Белгискиот доктор Лоренс Лизенборгс, кој работи за Институтот за тропска медицина во Антверпен и учествува во истражувањето заедно со Универзитетот во Оксфорд и Светската здравствена организација, изјави за холандскиот јавен сервис NOS дека се очекува еден или двата лека да придонесат за намалување на смртноста и дека нивната комбинирана употреба би можела да биде уште поефикасна.

„Се надеваме дека еден или двата методи ќе ја намалат смртноста. Во најдобар случај, нивната комбинација би можела да даде уште подобри резултати“, рече Лизенборгс, кој работи во Конго речиси два месеци. Лизенборгс рече дека сигурна проценка на ефикасноста би барала вклучување помеѓу 700 и 1.000 пациенти и процени дека е сè уште прерано да се извлечат заклучоци.

Аманда Роек, истражувач на Универзитетот во Оксфорд, оцени дека почетокот на клиничкото испитување бил голем успех. Таа потсети дека за време на епидемијата на ебола во Западна Африка во 2014 година, во која починаа околу 11.000 луѓе, била потребна речиси една година за да се започнат клиничките испитувања, додека овој пат истражувањето било започнато околу шест недели по епидемијата.

Според неа, ситуацијата во градот Бунија, каде што сојот Бундибугио беше регистриран во мај, во моментов се стабилизира, но епидемијата се проширила и во други области.

Лизенборгс предупреди дека постојат загрижености дека случаи се пријавени и во Кисангани, град со неколку милиони жители.

„Ако епидемијата се прошири во Кисангани, тоа би било многу лоша вест“, рече тој.

Тој додаде дека епидемијата може да се стави под контрола преку ефикасно следење на контактите и изолација на заразените лица, но дека Конго нема капацитет да го стори тоа.

Тој рече дека намалувањето на меѓународната помош за развој довело до помалку средства за борба против епидемијата.

Резултатите од клиничкото испитување не се очекуваат со месеци, додека епидемијата продолжува да се шири во африканската земја.

Иако сојот Бундибугио е помалку смртоносен од некои други варијанти на вирусот ебола, едно од тројца луѓе заразени со вирусот сè уште умира од последиците од инфекцијата.

Според Африканските центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ), од почетокот на епидемијата се потврдени 1.830 случаи на инфекција со сојот Бундибугио, додека 648 пациенти починале.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author