13.07.2026 Скопје
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската комисија, врз основа на извештајот на Специјалниот панел за безбедност на децата на интернет, ќе презентира предлог за мерки по летото со кои би се вовеле построги возрасни ограничувања за пристап до социјалните мрежи и дополнително би се заштитиле децата од штетна содржина, алгоритми што предизвикуваат зависност и други ризици во дигиталната средина.
Како што изјави таа, Панелот ги анализираше придобивките, можностите и штетните последици што алгоритмите на социјалните медиуми ги имаат врз децата, оценувајќи дека заштитата на малолетниците онлајн е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат владите денес.
„Во Европа веруваме дека децата ги одгледуваат родители, а не предаторски алгоритми. Социјалните мрежи не се играчки“, рече фон дер Лајен, според соопштението од Европската комисија.
Таа рече дека, иако родителите одлучуваат кога детето ќе го добие својот прв паметен телефон, постои растечки консензус дека е потребно да се постави минимална возраст за отворање сметка на социјалните медиуми.
Според неа, сегашната ситуација, која им овозможува на големите технолошки компании речиси неограничен пристап до децата, води кон зголемен број проблеми со менталното здравје, зависности и други негативни последици.
Фон дер Лајен изјави дека младите луѓе во Европа денес поминуваат помеѓу четири и шест часа на ден пред екран, што претставува околу 20 години во текот на животот, додека речиси 60 проценти од децата доживеале емоционални или психосоцијални проблеми поврзани со интернетот.
Претседателот на ЕК, исто така, нагласи дека одговорноста за безбедноста на дигиталните услуги мора да лежи кај самите платформи.
„Во Европа, производителот е одговорен за безбедноста на производот. Исто како што не очекуваме децата сами да ги дизајнираат своите безбедносни појаси или родителите да инсталираат воздушни перничиња во автомобилите, така и големите технолошки компании мора да се погрижат нивните услуги да бидат безбедни“, нагласи фон дер Лајен.
Таа потсети дека Законот за дигитални услуги (DSA) ги обврзува платформите да ги отстранат штетните карактеристики, вклучувајќи алгоритми што предизвикуваат зависност, манипулативни модели на однесување, штетна содржина и несакани контакти.
Фон дер Лајен изјави дека Европската комисија веќе презела мерки против платформата TikTok поради нејзиниот дизајн што создава зависност, како и против компанијата Meta, нагласувајќи дека Европската Унија има принцип дека безбедноста мора да биде вградена во дизајнот на дигиталните услуги.
Зборувајќи за понатамошните чекори, фон дер Лајен рече дека на Европа ѝ се потребни ограничувања прилагодени на возраста на корисниците.
Таа додаде дека една од клучните мерки ќе биде европска апликација за верификација на возраста, која е лесна за користење, ја штити приватноста на корисниците и е базирана на отворен изворен код.
„Исто како што не им даваме клучеви од автомобил на децата пред да добијат возачка дозвола или не им дозволуваме да купат алкохол пред да станат полнолетни, треба да одредиме возраст на која тие можат легално да ги користат социјалните медиуми“, рече таа.
Фон дер Лајен изјави дека истражувањата покажуваат дека децата под три години воопшто не треба да бидат изложени на екрани и дигитални платформи, додека постарите деца треба да ги користат социјалните медиуми исклучиво под надзор на родители, старатели или наставници и во ограничен временски период.
Европската комисија претходно, на 10 јуни, објави дека прелиминарно утврдила дека американската компанија „Мета“ го прекршила Законот за заштита на податоците (DSA) и побара од компанијата да го промени дизајнот и алгоритмот на социјалните мрежи „Инстаграм“ и „Фејсбук“ за да ја намали нивната потенцијално зависна природа и подобро да ги заштити малолетните корисници, предупредувајќи дека во спротивно може да се соочи со казна до шест проценти од годишните глобални приходи.
Според прелиминарните наоди на ЕК, „Мета“ не успеала соодветно да ги процени или ублажи ризиците за менталното и физичкото здравје на корисниците, особено децата и младите, предизвикани од функции како што се бесконечно скролување, автоматско пуштање видео содржини, персонализирани препораки и push известувања.
Подготвено од А.Ѓ.