13.07.2026 Скопје
Словачка нема да испорачува оружје на Украина, ниту ќе учествува во финансирањето на нејзиното понатамошно вооружување, изјави словачкиот претседател Петер Пелегрини, нагласувајќи дека Братислава не е единствена меѓу членките на НАТО во таков став.
„Нашиот став останува дека нема да обезбедуваме оружје, ниту пак финансиски ќе учествуваме во понатамошното вооружување на Украина“, рече Пелегрини.
Тој изјави дека на самитот на НАТО во Анкара, претставници на други земји, исто така, ставиле до знаење дека немаат намера да учествуваат во новиот пакет воена помош за Киев. Според него, истиот став на преговарачката маса го изразил и чешкиот премиер Андреј Бабиш.
Сепак, Словачка ќе ги поддржи заклучоците од самитот на Алијансата, бидејќи финансиските обврски поврзани со воената помош за Украина остануваат во надлежност на секоја поединечна држава.
„Словачка ќе ги поддржи заклучоците од самитот на НАТО, но останува вистина дека нема да учествува во дополнителни финансиски придонеси или заеми наменети за воена помош на Украина“, рече Пелегрини.
Во завршната декларација од самитот во Анкара, сојузниците ветија дека ќе обезбедат 70 милијарди евра во воена опрема, помош и обука за украинските сили во 2026 година, со намера да одржат барем исто ниво на поддршка во 2027 година. Ова би можело да изнесува најмалку 140 милијарди евра во период од две години, но обврските на поединечните држави остануваат суверени и не подразбираат автоматско учество од страна на сите земји-членки.
По самитот, Пелегрини оцени дека Алијансата покажала единство, но повтори дека заклучоците не обврзуваат ниту една земја да му пружи воена помош на Киев.
„Словачка во никој случај не е сама во оваа позиција. Чешкиот премиер Андреј Бабиш и други го изразија истиот став за време на самитот“, рече словачкиот претседател.
Бабиш потврди дека Чешка нема да учествува во новиот пакет од 70 милијарди евра. Тој рече дека европските земји треба да инвестираат повеќе во сопствената воздушна и ракетна одбрана.
Чешкиот премиер, исто така, го критикуваше фактот дека, според него, состанокот се фокусирал значително повеќе на војната и вооружувањето отколку на политичкиот крај на конфликтот.
„Сите зборуваат за војна, сите зборуваат за вооружување, а досега воопшто не го слушнав зборот мир“, рече Бабиш.
Словачка, како што е најавено, ќе продолжи да ѝ помага на Украина на хуманитарна област, во реконструкцијата и заштитата на енергетската инфраструктура, како и со снабдување со несмртоносни системи. Во исто време, Братислава останува вклучена во активностите на НАТО на источното крило, вклучително и распоредувањето на словачки војници и евентуалното испраќање на два авиони Ф-16 за заштита на воздушниот простор на балтичките земји.
Подготвено од А.Ѓ.