13.07.2026 Скопје
Вработените во јужнокорејскиот производител на автомобили „Хјундаи мотор компани“ денес започнаа тридневен делумен штрајк, барајќи повисоки бонуси, зголемување на платите и гаранции од менаџментот дека воведувањето на вештачка интелигенција и роботи нема да ги загрози нивните работни места.
Вработените ќе прекинуваат со работа два часа пред крајот на смената секој ден до среда, додека синдикатот и менаџментот ќе продолжат со преговорите во четврток.
Едно од главните барања на синдикатот е работниците да добиваат бонус од 30 проценти од консолидираната нето добивка на компанијата од претходната година.
Ова барање доби дополнителен импулс откако вработените во јужнокорејските технолошки компании Samsung Electronics и SK Hynix добија екстремно високи бонуси благодарение на растечките приходи од чиповите за вештачка интелигенција.
Синдикатот, исто така, бара од менаџментот да гарантира зачувување на приходите на вработените пред компанијата да започне со пошироко распоредување на хуманоидните роботи Atlas, кои Hyundai планира да ги воведе во производство од 2028 година.
Работниците бараат секое воведување на роботи да биде преговарано однапред со синдикатот, како и да се воведе систем на целосни месечни плати за да се спречи пад на платите поради автоматизација.
Меѓу барањата се зголемување на редовните бонуси на 800 проценти од месечната плата, зголемување на основните плати за околу 149.600 вони (околу 100 долари) и продолжување на возраста за пензионирање од 60 на 65 години.
За време на преговорите, Хјундаи понуди зголемување на основната плата од 89.000 вони, еднократен бонус од 350 проценти од платата плус 10 милиони вони, како и 15 акции од компанијата, но синдикатот сметаше дека понудата е недоволна и започна штрајк.
Подготвено од А.Ѓ.