09.07.2026 Скопје
Амбасадорот на Иран во Германија, Маџид Нили, ги предупреди европските земји дека толерирањето на американските напади нема да ја обезбеди нивната безбедност, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.
Нили реагираше на она што го нарече молчење на некои европски политичари во врска со американските акции против Иран.
Според него, САД извршиле напад врз мостот Аг-Тапе-Кан, кој се наоѓа на железничкиот коридор Кина-Туркменистан-Иран.
Иранскиот амбасадор нагласи дека објектот не е само железничка инфраструктура, туку дел од важна меѓународна транспортна и трговска рута.
„Доколку денешниот воен напад врз транспортните коридори остане неказнет и неосуден, утре лесно ќе биде можно да се нападнат други коридори од кои и вие имате корист“, им рече Нили на европските политичари.
Тој додаде дека, според него, прифаќањето на ваквите дејствија не гарантира безбедност за која било земја.
Изјавата на иранскиот амбасадор дојде во услови на зголемени тензии меѓу Техеран и Вашингтон. ИРНА соопшти дека целта на американскиот напад бил мост на железничката рута што ги поврзува Кина, Туркменистан и Иран.
Подготвено од А.Ѓ.