09.07.2026 Скопје
Девет француски департмани ќе бидат ставени на највисоко, црвено, ниво на тревога за топлотен бран во петок, додека други 76 департмани ќе бидат под портокалово ниво на тревога поради очекуваните многу високи температури, објави денес француската метеоролошка служба Метео-Франс.
Црвениот аларм ќе стапи на сила во петок, 10 јули, од пладне, а се однесува на департманите Морбихан, Ил-ет-Вилен, Мајен, Сарт, Лоара-Атлантик, Ванде, Мејн-ет-Лоара, Виена и Де Севр.
Според прогнозите од Метео-Франс, температурите во овие области ќе бидат екстремно високи, бидејќи нов топлотен бран се враќа во Франција по трет пат во последните месец и половина.
Метеоролозите очекуваат температурите дополнително да се зголемат во текот на викендот, поради што, покрај деветте департмани со црвени предупредувања, уште 76 департмани се ставени под портокалово ниво на тревога поради опасноста од екстремна топлина.
Подготвено од А.Ѓ.