1200_evro-evropa-evropejski-sauz

09.07.2026 Скопје

Европскиот парламент (ЕП) денес усвои преговарачка позиција со која се овластува почеток на преговори со Советот на Европската Унија по предлог за воведување на дигитално евро, нова електронска форма на пари што ќе ја издава Европската централна банка (ЕЦБ), што предвидува строга заштита на приватноста на корисниците, бесплатни основни услуги за плаќање, ограничување на износот на дигитални евра што граѓаните можат да ги поседуваат со цел да се зачува финансиската стабилност и задолжителна достапност на готовина во еврозоната како законско средство за плаќање.

416 европратеници гласаа за отворање меѓуинституционални преговори, 169 гласаа против, додека 22 беа воздржани, се вели во соопштението од Европскиот парламент.

Европскиот парламент, исто така, усвои став во кој инсистира на зачувување на достапноста на готовина во земјите од еврозоната, дека на трговците не треба да им се дозволува да одбиваат плаќања во готово и дека земјите-членки редовно ја следат достапноста на готовина, особено за постарите граѓани, луѓето со пониски приходи и оние без пристап до банкарски услуги.

Преговарачкиот тим на Европскиот парламент ќе го предводи известувачот Фернандо Наварете Рохас од Европската народна партија (ЕПП), а наскоро се очекува првата рунда преговори со ирското претседателство на Советот на ЕУ.

Рохас оцени дека пакетот регулативи ја штити слободата на граѓаните да го изберат сопствениот метод на плаќање, нагласувајќи дека дигиталното евро ќе ги надополни, а не ќе ги замени готовината, нагласувајќи дека Европа не треба да избира помеѓу дигиталното евро и успешните решенија за приватно плаќање, туку дека двата системи треба да функционираат заедно користејќи ја постојната инфраструктура, што би ги направило европските системи за плаќање интероперабилни низ целата Европска Унија.

Според преговарачката позиција на Парламентот, дигиталното евро би било електронска форма на пари издадена од ЕЦБ што би можела да се користи и за онлајн и за офлајн плаќања, при што онлајн трансакциите би се извршувале преку посебна сметка, додека офлајн плаќањата би функционирале директно помеѓу уредите, слично на готовинските трансакции.

Пратениците бараат во самиот систем да се вгради заштита на приватноста, така што трансакциите ќе можат да се потврдат без откривање лични податоци, додека ЕЦБ нема да има пристап до податоци што би можеле да ги идентификуваат корисниците.

Повеќето трговци ќе бидат обврзани да го прифатат дигиталното евро, додека исклучоци ќе важат за самостојните претприемачи, како и за малите и микропретпријатијата кои не прифаќаат други форми на електронско плаќање.

Предлогот предвидува дека компаниите не можат трајно да чуваат дигитални евра, освен привремено да чуваат примени плаќања до 24 часа, додека дигиталното евро нема да носи камата ниту ќе му се наплаќа камата.

Според планот, ЕЦБ треба да ги финализира техничките правила, да ја изгради потребната инфраструктура и да спроведе пилот-проекти пред да го воведе дигиталното евро.

По усвојувањето на регулативите би следел подготвителен период од најмалку две години за банките, давателите на услуги за плаќање и корисниците.

Според моменталните планови, дигиталното евро би можело да им биде достапно на граѓаните за малопродажни плаќања од 2029 година, по пилот-програмата планирана за 2027 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author