03.07.2026 Скопје
Иран започна разговори со јапонските компании за евентуално продолжување на извозот на сурова нафта, бидејќи потенцијалните купувачи бараат продолжување на привременото ослободување од санкциите на САД и дополнителни гаранции за безбедна пловидба низ Ормутскиот теснец.
Според повеќе извори, агенцијата известува дека три јапонски компании размислуваат за купување иранска нафта, што би претставувало први испораки во земјата од 2019 година.
На 22 јуни, Соединетите Американски Држави одобрија привремено ослободување од санкциите што дозволи продажба на иранска нафта до 21 август, како дел од тековните шеесетдневни преговори меѓу Вашингтон и Техеран за постигнување траен мировен договор.
Иранските власти велат дека размислуваат за товарење на сурова нафта на терминал на островот Харг, користејќи јапонски танкери, но потенцијалните купувачи веруваат дека сегашниот период на ослободување е недоволен поради времето потребно за организирање на транспортот и испораката.
Јапонското Министерство за економија, трговија и индустрија соопшти дека не е запознаено со никакви постигнати договори.
Продолжувањето на трговијата е исто така попречено од безбедносните ризици во Ормутскиот теснец, вклучувајќи ги неодамнешните воени инциденти, присуството на пловечки мини и високата цена на осигурување на бродовите.
Аналитичарите велат дека големите азиски рафинерии веројатно ќе почекаат појасна и долгорочна рамка за ублажување на санкциите пред да продолжат со купувањето иранска нафта, додека кинеските независни рафинерии би можеле да останат главни купувачи на иранска сурова нафта во меѓувреме.
Подготвено од А.Ѓ.