03.07.2026 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да прави неочекувани потези: овој пат објави дека ќе ги укине санкциите врз Турција поради купувањето на најсовремените американски воени авиони Ф-35 и мотори за други авиони. На овој начин, по речиси една деценија, тој ќе стави крај на својата одлука донесена за време на неговиот прв мандат во Белата куќа.
„Веројатно наскоро ќе направам потег што ќе ја израдува Турција многу“, објави Трамп во свој стил кога беше замолен да ги коментира барањата на Анкара повторно да се приклучи на заедничкото производство и купување на модерните американски авиони Ф-35.
„Турција е силна членка на НАТО, што некои луѓе не го сфаќаат“, рече тој по средбата со генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, во Вашингтон, додавајќи: „Таа има многу од нашата воена опрема, има многу силна армија“.
Американскиот претседател безрезервно потврди дека ќе учествува во работата на самитот на НАТО, кој се одржува во Анкара на 7 и 8 јули. „Одам во Анкара од почит кон претседателот Реџеп Таип Ердоган. Доколку самитот не беше организиран од Турција, не мислам дека би отишол на тој собир“, објавија истанбулските медиуми како го изјавил шефот на Белата куќа.
Односите меѓу Турција и САД, две водечки земји членки на НАТО, беа ставени на тест кон крајот на минатата деценија. Во тоа време, Анкара одлучи да го купи рускиот ракетен систем С-400, што беше дочекано со остри критики во западниот воен сојуз, а особено во Вашингтон. Анкара го повлече овој потег, како што објаснија во владата, бидејќи американскиот претседател Барак Обама не ѝ дозволи на Турција да учествува во производството и купувањето на американските ракети „Патриот“. Ердоган направи неочекуван и пркосен контрапотег: во 2017 година, Анкара купи модерни руски ракетни системи за две и пол милијарди долари, што ги затегна односите меѓу двете сојузнички земји.
Овој потег предизвика голема загриженост во алијансата и во Пентагон, бидејќи Турција е првата земја-членка на НАТО што поседува разорно руско оружје, за кое Вашингтон стравува дека би можело да ја загрози безбедноста на сојузниците на инаку кревкиот југоисточен крило на НАТО. Анкара ги отфрла овие тврдења и вели дека овие ракетни системи се под постојана контрола на турската армија. Пентагон постојано бараше Анкара да се ослободи од руските ракетни системи. Откако Ердоган го отфрли ова, Анкара е исклучена од заедничкото производство на авионите Ф-35, иако наводно инвестирала повеќе од милијарда долари во ова заедничко вложување. Турција сега предлага заедничка комисија да ги реши несогласувањата меѓу двете земји, објавуваат медиумите во Истанбул без да дадат други детали. Вашингтон, исто така, потврди дека размислуваат како да ги отстранат од дневен ред проблемите што ги оптоваруваа односите меѓу двете сојузнички земји во последните години. Ова прашање сигурно ќе биде на дневен ред за време на претстојната средба меѓу претседателите на двете земји, која се очекува на маргините на самитот на НАТО во Анкара, потврдуваат американските дипломати.
Подготвено од А.Ѓ.