socijalni mediumi

01.06.2026 Скопје

Малезија денес почна да спроведува правила со кои им се забранува на милиони деца под 16 години да имаат сметки на социјалните мрежи, приклучувајќи се кон глобалните напори за зајакнување на заштитата на младите корисници на интернет.

Новите правила бараат од платформите на социјалните медиуми со најмалку осум милиони корисници, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и Јутјуб, да имплементираат системи за верификација на возраста и да им спречат на лицата под 16 години да отвораат сметки.

Комисијата за комуникации и мултимедија на Малезија денес објави дека проверката на возраста за постојните корисници постепено ќе се воведува во текот на следните шест месеци.

Корисниците за кои ќе се утврди дека се под 16 години ќе имаат еден месец да ги преземат или пренесат своите податоци, вклучувајќи фотографии и видеа, пред да бидат воведени какви било ограничувања, суспензии или други мерки, се вели во соопштението.

Компаниите што нема да ги почитуваат новите правила би можеле да се соочат со казни до 10 милиони рингити (околу 2,5 милиони долари).

Сепак, родителите чии деца успеваат да го заобиколат законот нема да бидат казнети.

Малезиската влада наведува дека мерките имаат за цел да ги заштитат децата од штетна содржина, сајбер малтретирање и платформи што поттикнуваат прекумерна употреба.

Други земји, вклучувајќи ги Австралија, Бразил и Индонезија, веќе воведоа или објавија ограничувања на возраста и посебни услови за пристап на децата до социјалните мрежи.

Слични решенија разгледуваат или развиваат Обединетото Кралство, Франција, Шпанија, Данска, Тајланд и Јужна Кореја.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author