01.06.2026 Скопје
Европската Унија треба да игра клучна улога во постигнувањето траен прекин на огнот меѓу Иран и САД, што би ги опфатило и нуклеарните амбиции на Иран, изјави денес шефицата за надворешна политика на Европа, Каја Калас.
„Од поморските операции на ЕУ до тешко стекнатата нуклеарна експертиза, ЕУ може да игра конкретна улога во трајноста на секој договор“, рече Калас пред состанокот со пакистанските власти во Исламабад.
Според неа, ЕУ може да помогне во консолидирањето на прекинот на огнот и решавањето на нуклеарните прашања.
„Со помош на Пакистан, постои нежен дипломатски притисок за продолжување на прекинот на огнот меѓу САД и Иран и повторно отворање на Ормутскиот теснец. Но, секој привремен договор мора да биде проследен со подлабоки разговори за нуклеарното прашање, ракетите, посредниците и други прашања“, истакна Калас.
Според неа, ЕУ е подготвена да придонесе за одржливо и мирно решение, се вели во соопштението на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи.
„Ние носиме економска предност, тешко стекнато нуклеарно знаење, долгогодишни односи со партнери низ целиот Залив и директна соработка со самиот Иран. Гледам конкретна улога за ЕУ во помагањето секој евентуален договор да биде траен, без разлика дали преку поморски операции, економски стимулации што ја поддржуваат долгорочната стабилност или други прашања“, рече таа.
Калас денес во Пакистан ќе се сретне со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, министерот за надворешни работи Мухамед Ишак Дар и началникот на Генералштабот на армијата, Сејед Асим Мунир.
Американскиот претседател Доналд Трамп е незадоволен од ставот на Европа во врска со војната во Иран, а сè уште не е јасно каква улога би играла ЕУ во преговорите по завршувањето на војната меѓу Иран и САД.
Подготвено од А.Ѓ.