01.06.2026 Скопје
Холандскиот завод за статистика (CBS) предупреди за најниската стапка на фертилитет во земјата досега, додека демографите укажуваат на долгорочни последици за системот за социјална помош и работната сила.
Според демографот Јан Латен, свеста за сериозноста на овој проблем сè уште не е доволно присутна бидејќи Холандија го компензира недостигот на работна сила со доведување луѓе од други континенти.
„Тоа не мора да биде лошо, под услов да се прави умерено и внимателно да се размисли за интеграцијата, односно како да се надминат културните разлики. Но, веќе можете да видите големи тензии во општеството во врска со мигрантите за кои не можеме да најдеме сместување“, рече Латен.
Си-Би-Ес минатата недела објави дека семејствата во 93 проценти од општините имале помалку деца во 2024 година отколку што имале пред една деценија. Бројот на деца по жена се намалил од 1,71 на 1,43 помеѓу 2014 и 2024 година, стапка што се смета за прениска за земјата да преживее.
Латен истакнува дека Холандија би била многу подобра доколку се родат повеќе деца, додавајќи дека владата треба да ги поддржува семејствата за потенцијалните родители да не мора да се грижат дали ќе можат да ги издржуваат своите деца или да го одржат својот животен стил.
„Ако децата сакаат да учат, родителите треба да знаат дека не мора да штедат за тоа, бидејќи владата е организирана да го направи образованието достапно за сите. Треба да понудиме гаранции дека нема да бидете „казнувани“ затоа што имате деца, туку дека сите ќе имаат корист од тоа“, рече тој.
Според професорот, Холандија се соочува со „портокалова“, а во некои општини и со „црвена“ шифра поради стапката на фертилитет, со опаѓање на социјалната кохезија и грижата за старите лица, како и со зголемување на осаменоста и ранливоста, што не може едноставно да се реши со поголема миграција на работна сила.
Подготвено од А.Ѓ.