04.06.2026 Скопје
Властите на единаесет европски земји побараа од Европската унија дополнително да ги заостри правилата за влез на руски државјани во Шенген зоната пред летната туристичка сезона.
Според порталот, иницијативата ја покренале Чешка, Данска, Финска, Холандија, Полска, Шведска, трите балтички земји, како и Исланд и Норвешка. Нивните министри го упатиле апелот до високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и до европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер.
Во документот, како што објавија медиумите, се бара од Брисел дополнително да ја ограничи можноста руските граѓани да патуваат во земјите од Шенген зоната. Потписниците на иницијативата тврдат дека руските туристи, во услови на војната во Украина и затегнатите односи меѓу Москва и Западот, не треба да можат слободно да одат на одмор во Европската Унија.
„Единаесет европски земји бараат Брисел да ги заостри ограничувањата за влез за руските патници во Шенген зоната пред летните одмори, тврдејќи дека Русите не треба да се сончаат на европските плажи.“
Иницијативата не ја потпишаа Шпанија, Грција, Италија и Франција, земји кои се меѓу најпопуларните туристички дестинации за руските граѓани. Овој факт покажува дека во Европа сè уште постојат различни ставови за тоа дали визните ограничувања треба да се трансформираат во речиси целосна забрана за туристи.
Според претходните податоци, земјите од Европската Унија издале повеќе од 620.000 визи за руски граѓани во 2025 година, што е за околу 10 проценти повеќе во однос на претходната година. Во исто време, минатата година на Руси им биле издадени приближно 175.000 визи со повеќе влезови.
Европската комисија веќе воведе построги правила во ноември 2025 година, според кои руските граѓани повеќе не можат да добиваат визи со повеќекратен влез, туку мора повторно да аплицираат за секое ново патување. Брисел ја објасни оваа одлука со потребата од почести и подетални проверки на апликантите.
Москва постојано повторуваше дека ваквите ограничувања се дискриминаторски и насочени против обичните руски граѓани. Руското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека визната политика на ЕУ сè повеќе добива политички карактер и се користи како уште еден инструмент за притисок врз Русија.
Новата иницијатива на единаесет европски земји би можела да ги продлабочи поделбите во самата Европска Унија, бидејќи без земјите од Јужна Европа, кои имаат силен туристички интерес, тешко е да се постигне унифициран пристап кон руските патници.
Подготвено од А.Ѓ.