04.06.2026 Скопје
Финскиот претседател Александар Стуб предложи Европската Унија да размисли за проширување од сегашните 27 на дури 40 земји.
Стуб ги повика европските лидери да „размислуваат широко“ и да ја земат предвид географијата при обликувањето на иднината на Унијата.
„Треба да ги прошириме или барем да создадеме механизми за членство кои се доволно флексибилни за да опфатат вкупно 40 европски земји или дури и неевропски“, рече финскиот претседател.
Зборувајќи за потенцијалните нови членки, Стуб ги спомена Обединетото Кралство, Норвешка, Исланд и Западен Балкан. Тој конкретно изјави дека, по разгледувањето на евентуалниот влез на Украина, Молдавија и Грузија во ЕУ, и Турција треба да биде „сериозно разгледана“.
Според него, Канада исто така би можела да се разгледа како опција, иако не е европска земја. Таквата позиција претставува многу пошироко толкување на иднината на ЕУ отколку претходниот модел на проширување, кој главно беше поврзан со земјите од европскиот континент и официјалните кандидати.
Европската комисија во својот последен пакет за проширување ги вклучи Црна Гора, Албанија, Украина, Молдавија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, таканареченото Косово, Турција и Грузија, со оценка дека проширувањето останува еден од приоритетите на Брисел.
Во исто време, резервите за понатамошно проширување растат во делови од Европската Унија, особено кога станува збор за Украина. Во Италија, партијата на вицепремиерот Матео Салвини се изјасни против евентуалното членство на Украина во ЕУ, додека во рамките на Унијата сè повеќе се поставува прашањето дали Брисел би можел да функционира со значително поголем број земји-членки.
Подготвено од А.Ѓ.