02.06.2026 Скопје
Тутунската компанија „Филип Морис“ денес ја намали својата годишна прогноза за профит за 2026 година поради зголемувањето на трошоците за енергија, флуктуациите на валутите и послабата потрошувачка, изјави извршниот директор на компанијата Јацек Олчак.
„Филип Морис“ сега очекува прилагодена заработка по акција во опсег од 8,31 до 8,46 долари, што е малку помалку од претходната проценка од 8,36 до 8,51 долари по акција. Олчак на конференцијата на „Дојче банк“ изјави дека конфликтот меѓу САД и Иран ги зголемува трошоците за енергија и врши дополнителен притисок врз маржите на профит, додека потрошувачите ширум светот стануваат повнимателни во трошењето.
Акциите на компанијата паднаа за околу 1 процент во претпазарното тргување откако беа објавени новите проекции. Во исто време, Филип Морис верува дека неодамнешните регулаторни промени во Соединетите Американски Држави се позитивен сигнал за пазарот на производи со никотин без чад. Според компанијата, олеснувањето на одредени регулативи од страна на Американската администрација за храна и лекови ја намалува регулаторната несигурност за никотинските кесички Zyn и би можело да го стимулира растот во тој сегмент од производството.
Компанијата, исто така, објави дека новиот производ Zyn Ultra ќе се нуди по пониска цена од постојните водечки производи за да се зголеми конкурентноста на пазарот. Philip Morris во последниве години брзо го проширува своето портфолио на тутунски производи без согорување, вклучувајќи уреди за загревање тутун AJKOS, електронски цигари и орални никотински кесички, како дел од стратегијата за постепено оддалечување од традиционалните цигари.
Компанијата, исто така, соопшти дека зголемувањето на акцизите во Јапонија привремено го забавило растот на пазарот за производи без чад, но дека досега не влијаело значително на нејзината пазарна позиција.
Подготвено од А.Ѓ.