02.06.2026 Скопје
„Мајкрософт“ денес ќе претстави нови алатки базирани на вештачка интелигенција (ВИ) на својата годишна конференција за развивачи, насочена кон развој на апликации за персонални компјутери и cloud computing.
За време на неговото воведно обраќање, се очекува извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, да ја изложи стратегијата на компанијата за зајакнување на нејзината позиција во сè поконкурентниот сектор на вештачка интелигенција, каде што „Мајкрософт“ се натпреварува со водечките технолошки компании, а истовремено развива свои решенија за вештачка интелигенција.
Аналитичарите проценуваат дека фокусот на овогодишната конференција ќе биде на таканаречената „агентска“ вештачка интелигенција, односно софтвер кој може самостојно да извршува задачи во име на корисниците.
Според нивните очекувања, „Мајкрософт“ би можел да воведе безбедносни подобрувања што би овозможиле пошироко усвојување на вакви алатки меѓу деловните корисници и корисниците на „Виндоус“.
Вниманието на пазарот е насочено и кон соработката со производителот на чипови Nvidia, чиј нов процесор е дизајниран да извршува функции на вештачка интелигенција директно на персонални компјутери.
Се очекува „Мајкрософт“ да објави дополнителни детали за поддршката за чипот во рамките на своите развојни платформи.
Аналитичарите очекуваат и информации за напредокот на сопствените модели на вештачка интелигенција на „Мајкрософт“, со кои компанијата се стреми да се позиционира како конкурент на водечките решенија за генерирање и дополнување на програмскиот код.
„Мајкрософт“ во последните години инвестираше многу во развојот на вештачката интелигенција, настојувајќи да ја интегрира новата технологија во своите облак услуги, деловен софтвер и платформата „Виндоус“, која има повеќе од милијарда корисници ширум светот.
Подготвено од А.Ѓ.