petr-pavel

22.06.2026 Скопје

Чешката влада денес објави дека нема да го вклучи претседателот Петр Павел, поранешен висок функционер на НАТО, во чешката делегација на самитот на Алијансата следниот месец.

Владата на тој начин ја прекрши традицијата, влегувајќи во спор со шефот на државата.

Премиерот Андреј Бабиш, лидер на популистичката партија АНО, кој ги загуби претседателските избори во 2023 година од Павел, рече дека од владата зависи да ги брани своите позиции, вклучително и пониските трошоци за одбрана.

„Ова е многу специфичен самит“, рече Бабиш на прес-конференција, додавајќи дека „веројатно нема да биде многу пријатен за Чешка, но владата има одговорност да ја брани својата позиција“.

Според чешкиот Устав, претседателите имаат ограничени овластувања, а надворешната политика ја дефинира владата.

Сепак, од пристапувањето на земјата во НАТО во 1999 година, претседателите речиси секогаш ги водеа чешките делегации на самитите на Алијансата, понекогаш заедно со премиерите на земјата.

Павел беше кариерен генерал кој ја водеше Чешката армија, а исто така беше и шеф на Воениот комитет на НАТО од 2015 до 2018 година.

Тој инсистираше на учество на самитот, кој се одржува од 7 до 8 јули во турската престолнина Анкара.

Павел исто така беше силен поддржувач на Украина во нејзината војна против Русија, додека кабинетот на Бабиш ја намали поддршката за Киев.

Чешкиот претседател неодамна изјави дека одбивањето на владата да учествува на самитот ќе го смета за обид да ги ограничи неговите овластувања да ја претставува земјата во странство и дека целиот случај ќе го однесе пред Уставниот суд.

Павел е во конфликт со владата, главно со евроскептичната Партија на автомобилисти, бидејќи одби да назначи еден од нејзините функционери за министер за надворешни работи.

Чесите се меѓу последните земји во НАТО по трошоци за одбрана, а минатата година не успеаја да ја исполнат целта за инвестирање на минимум два проценти од бруто домашниот производ за таа намена.

Новата влада на Бабиш го намали буџетот за трошоци за одбрана од првично предложените нивоа, што значи дека ниту оваа година нема да го исполни минимумот.

Премиерот неодамна изјави дека ова минимално ниво треба да се исполни до 2027 година.

Сојузниците на НАТО се согласија да ги зголемат годишните трошоци за основна одбрана на 3,5 проценти од БДП до 2035 година, со дополнителни 1,5 проценти за други програми поврзани со одбраната.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author