SHPANIJAAAA

18.08.2026 Скопје

Економските загуби предизвикани од временските непогоди во Европа сè повеќе стануваат постојана ставка во буџетите, бидејќи поголемиот дел од штетата останува неосигуран, што значи дека сметката на крајот ќе ја платат државите, односно даночните обврзници, според анализа објавена денес.

Овогодишните пожари на југозападот од континентот, како и катастрофалните поплави во Шпанија во 2024 година и во Германија и соседните земји во 2021 година, покажуваат како климатските катастрофи дополнително ги оптоваруваат европските јавни финансии, кои веќе се под притисок од растечките трошоци за одбрана и стареењето на населението.

Федерико Барига-Салазар, претставник на „Фич“ задолжен за суверени рејтинзи за Западна Европа, истакнува дека катастрофите што претходно се третираа како исклучителни трошоци сега стануваат сè почести.

Според проценките на Европската агенција за животна средина, временските и климатските катастрофи предизвикале економска штета од околу 822 милијарди евра во Европската Унија помеѓу 1980 и 2024 година, при што една четвртина од таа штета се случила само во последните четири години.

Само околу една четвртина од штетите предизвикани од климатските катастрофи во ЕУ се осигурени, додека во некои земји тој процент е под пет проценти, се додава во анализата.

Како пример за разликата во осигурителната покриеност, аналитичарите велат дека Белгија го покрила поголемиот дел од штетите од поплавите во 2021 година со осигурување, додека Германија, поради ниските нивоа на осигурување, мораше да издвои околу 30 милијарди евра од својот буџет.

Постои страв дека уделот на осигурените загуби дополнително ќе се намали како што временските непогоди стануваат почести.

Европската Унија најавува дека ќе презентира предлози за зајакнување на отпорноста на климатските промени и управувањето со ризици оваа есен, се наведува во анализата.

Грција, чија туристичка индустрија е особено изложена на топлотни бранови и пожари, размислува за проширување на осигурувањето и зајакнување на водоводната и енергетската инфраструктура во туристичките центри.

Португалија, по големите поплави на почетокот на 2026 година, најави воведување задолжително осигурување на домаќинствата, заедно со фонд за природни катастрофи и земјотреси и механизам за солидарност што би гарантирал универзален пристап до осигурување.

Таканаречените катастрофални обврзници се споменуваат и како можно привремено решение, во кое инвеститорите можат да остварат висок принос, но исто така да изгубат дел или целиот инвестиран капитал доколку се случи предефиниран настан како што е ураган или земјотрес.

Сепак, за државите, таков механизам може да биде скап бидејќи премиите мора да се плаќаат дури и кога катастрофа не се случува со години, велат аналитичарите.

Економистите предупредуваат дека Европа мора да премине од еднократно финансирање за помош при катастрофи кон систематско инвестирање во заштита.

Бројни студии покажуваат дека раните инвестиции во отпорност на климатските промени заштедуваат пари на долг рок и помагаат да се избегне растот на јавниот долг по катастрофите што стануваат почести.

Европската централна банка предложи воспоставување заедничка јавно-приватна шема за реосигурување на ниво на Европската Унија, која би ги здружила приватните ризици од природни катастрофи со поддршка на фонд на ЕУ за финансирање на јавни штети од катастрофи.

Сепак, за европските влади, клучното прашање останува дали овогодинешните топлотни бранови и пожари ќе бидат доволни за да се создаде политичка волја за инвестирање во спречување на штетите предизвикани од климатските промени, заклучува анализата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author