18.08.2026 Скопје
Претставници на Европската унија се надеваат дека референдумот во Исланд за обновување на преговорите за членство во ЕУ ќе поттикне поголема поддршка во Европа за други, помалку богати земји да се приклучат кон Унијата, изјавија европски дипломати пред гласањето закажано за 29 август.
Дипломатите на ЕУ веруваат дека продолжувањето на преговорите со богата земја која би била релативно лесна за интеграција во Унијата, иако има само околу 400.000 жители, би можело да ја подобри сликата за проширувањето кај граѓаните на ЕУ кои се плашат од прием на нови членки.
Еврокомесарот за проширување Марта Кос изјави дека референдумот „зборува за растечката привлечност на ЕУ во светот што брзо се менува“.
Доколку граѓаните го поддржат продолжувањето на преговорите, Кос очекува дека преговорите би можеле да траат од една до две години, додека датумот на евентуално членство би зависи од втор референдум во Исланд и ратификација на пристапувањето во сите 27 земји-членки на ЕУ.
Исланд, членка на НАТО која веќе има пристап до единствениот пазар на ЕУ преку Европскиот економски простор, ќе гласа дали да ги отвори преговорите за членство.
Гласањето во Исланд нема да биде само по себе гласање за членство; доколку граѓаните го поддржат продолжувањето на преговорите, евентуалниот договор за пристапување ќе мора да биде потврден на нов референдум.
Поддржувачите на членството веруваат дека тоа би можело да ѝ помогне на Исланд да се справи со високите трошоци за живот, да ја зајакне својата позиција во однос на главните трговски партнери и да одговори на променливите геополитички ситуации на Арктикот, вклучувајќи ги и амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд.
Според анкетата на Галуп спроведена овој месец, 46 проценти од гласачите ја поддржуваат обновата на преговорите, додека ист број се противат на тоа, а осум проценти се неодлучни. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството граѓани сè уште не го поддржуваат само членството во ЕУ.
Анкетата на Евробарометар од 2025 година покажа дека 56 проценти од граѓаните на ЕУ поддржуваат понатамошно проширување, иако нивото на поддршка значително варира меѓу земјите-членки. Исланд се повлече од претходните преговори во 2013 година откако на власт дојде евроскептична влада, но војната во Украина и изјавите на Трамп за Гренланд повторно ја ставија во фокус геостратешката позиција на Исланд.
Подготвено од А.Ѓ.