12.06.2026 Скопје
На средбата меѓу претседателите на Бугарија и Северна Македонија, Илијана Јотова и Гордана Силјановска-Давкова, одржана на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Софија, беше поставено прашањето дали уставните измени, односно вклучувањето на бугарската заедница во Уставот на Северна Македонија, би биле доволен услов за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија. Сè појасно е дека, покрај ова барање, се отвора простор и за дополнителни прашања што произлегуваат од билатералните протоколи и работата на заедничката историска комисија, односно различни толкувања на историските и идентитетските прашања меѓу двете земји.
Гордана Силјановска-Давкова изјави дека таа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски сакале директно да ги слушнат ставовите на бугарската страна и дека им станало јасно дека не станува збор само за вклучување на Бугарите во Уставот, туку и за дополнителни барања што произлегуваат од билатералните протоколи и работата на заедничката историска комисија. Оваа изјава има посебна тежина бидејќи со години се тврди дека промената на Уставот е последната пречка за продолжување на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија. Европската Унија го прифати францускиот предлог, кој стана дел од преговарачката рамка, со што се обврзаа на Македонија да ја вклучи бугарската заедница во Уставот како услов за продолжување на преговарачкиот процес.
За голем дел од Македонската јавност, ова претставува продолжение на низа тешки политички компромиси. Северна Македонија веќе го промени своето уставно име по Преспанскиот договор, со ветување за отворање европска перспектива. Сепак, најконкретниот резултат од тој болен компромис беше членството во НАТО, додека европскиот пат остана оптоварен со нови блокади и барања. Затоа, денес се поставува прашањето за довербата во европските ветувања. Ако, по промената на името на државата и барањето уставни измени, се појават нови услови во врска со историјата, идентитетот и јазикот, се поставува дилемата дали европските критериуми се применуваат подеднакво за сите кандидати и дали билатералните спорови меѓу државите стануваат инструмент за политички притисок.
Токму во работата на заедничката историска комисија се наоѓаат некои од најчувствителните прашања. Меѓу нив е и прашањето за историски личности како што е Гоце Делчев, револуционер кого и Македонската и Бугарската историографија го сметаат за дел од сопственото национално наследство. Улогата на претседателката Илијана Јотова, исто така, има посебна симболика во овој спор. Во 2022 година, како потпретседател на Бугарија и претставник на претседателот Румен Радев, таа беше член на бугарската делегација предводена од тогашниот премиер Кирил Петков во Битола на отворањето на бугарскиот центар „Ванчо Михајлов“. Овој настан предизвика силни реакции во Северна Македонија, бидејќи Михајлов е контроверзна историска личност која многу историчари ја поврзуваат со соработка со нацистичките и фашистичките движења.
Слични реакции предизвика и отворањето на клубот „Цар Борис III“ во Охрид. Борис III беше бугарски монарх за време на Втората светска војна, кога Софија беше сојузник на нацистичка Германија. За време на неговото владеење беше донесен Законот за заштита на нацијата, антисемитски пропис, а повеќе од 7.000 Евреи од територијата на денешна Северна Македонија под бугарска власт беа депортирани во логорот „Треблинка“, каде што беа убиени.
Критичарите на европската политика за проширување сметаат дека Европската Унија не покажала иста решителност кон овие историски контроверзии кога прифатила бугарско-македонскиот спор да стане дел од преговарачката рамка. Затоа, премиерот
Христијан Мицкоски бара гаранции дека уставните измени нема да бидат проследени со нови барања поврзани со македонскиот идентитет, јазик и историја.
Подготвено од А.Ѓ.