prototip

07.05.2026 Скопје

Турција претстави прототип на интерконтиненталната балистичка ракета „Јилдиримхан“ (ICBM), како дел од нејзините напори да ја зајакне својата воена независност и да се позиционира како клучен одбранбен играч на Блискиот Исток и во рамките на НАТО алијансата.

Според достапните податоци, „Јилдиримхан“ (молња) има дострел од околу 6.000 километри и може да погоди цели во Европа, Африка и Азија, додека засега производството на ракетата сè уште не е започнато. Во денешниот разговор, експертите наведуваат дека ракетите со дострел од повеќе од 5.500 километри се класифицирани како интерконтинентални. Се наведува дека ракетата достигнува брзина до 25 Маха, има четири погонски мотори и користи гориво на база на течен азот тетроксид, додека боевата глава може да носи товар до 3.000 килограми.

Турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер изјави дека Турција сака да им понуди на сојузниците не само системи за оружје, туку и технолошки решенија и одржлива безбедносна рамка. Експертите велат дека презентацијата на прототипот е значајна, првенствено за развојот на домашните технолошки способности, а не нужно за оперативната употреба на самата ракета.

Аналитичарите истакнуваат дека проектот е поврзан и со цивилните вселенски програми на Турција, наведувајќи дека технологиите на балистичките ракети и вселенските лансирања делумно се преклопуваат. Претставници на турската одбранбена индустрија оценуваат дека новиот проект претставува чекор напред во зајакнувањето на воената технологија и одвраќањето, како и амбицијата на Турција да го зајакне своето глобално влијание. Презентацијата на ракетата доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, вклучувајќи ги конфликтите околу Иран, ситуацијата во Газа и Либан, како и нарушените односи меѓу неколку регионални актери.

Аналитичарите велат дека Турција во последните години развива стратегија за намалување на зависноста од странски добавувачи и зајакнување на домашната воена индустрија, која значително порасна од 2010-тите. Турција сега е една од најважните земји на НАТО, со втора најголема постојана армија во Алијансата и растечки извоз на оружје, кој надмина 10 милијарди долари во 2025 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author