18.05.2026 Скопје
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Љубљана беше пречекана од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.
Претседателката од Љубљана порача ЕУ за Македонија останува не само географски, историски и заеднички културен дом, туку и важен приоритет.
„Сакам да укажам на опасноста од билатерализацијата на процесот на проширувањето, особено кога таа е врзана за идентитетски прашања за кои не се преговара. Ние не бараме привилегии, ние само бараме доследна примена на европското право и почитување, се разбира, на историскиот и културниот идентитет на народите и на достоинството и интегритетот на индивидуите“, порача Сиљановска-Давкова.
По средбата со својот домаќин, словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, Сиљановска-Давкова напомена дека ЕУ персонифицира единство на различности и останува инспиративна филозофија.
„Во однос на нашата европска интеграција, повторив дека остануваме посветени. За мене, интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко, туку е и безбедносно прашање. Не е доволна реториката за да бидете отпорни на туѓи влијанија, бидејќи сите знаеме дека не постои политички вакуум кој некој нема да се обиде да го пополни или да влијае на него. И уште нешто – Балканот отсекогаш бил своевиден лакмус за одмерување на силите на важните актери. Ние имаме 100-процентно усогласена политика на надворешна и безбедносна со ЕУ и ние заслужуваме, низ призма на копенхашките критериуми, да покажеме и да докажеме зрелост и заинтересираност за европскиот пат“, истакна Сиљановска-Давкова, изразувајќи благодарност за поддршката што Македонија ја добива од Словенија на евроинтеграцискиот пат.
Подготвено од А.Ѓ.