19.05.2026 Скопје
Вкупно 38 деца и млади во 2025 година се јавиле на СОС-линијата на „Меѓаши“ да пријават страв и вознемиреност, како и самоубиствени мисли и обиди за самоубиство. Во овие две категории, евидентирани се по 19 случаи, односно деца кои биле директно засегнати од овие состојби, пишува во годишниот извештај на „Меѓаши“ за функционирањето на линијата „Ало бушавко“ 070/390-632.
Во 2025 година е забележан значителен пораст на бројот на деца и млади кои пријавуваат самоубиствени мисли или имаат извршено обид за самоубиство, што укажува на потребата од итна и континуирана поддршка. На трето место, според застапеноста, се наоѓаат проблемите со расположението со евидентирани 13 случаи. Ова дополнително го нагласува психолошкиот товар со кој се соочуваат децата и младите, како и потребата од системска поддршка и превентивни мерки насочени кон унапредување на нивното ментално здравје, велат од „Меѓаши“.
Годишниот извештај за функционирањето на СОС-линијата покажува дека од 284 дојави колку што имало во целата година, за менталното здравје се однесуваат најголемиот дел, односно 83 деца и млади се пожалиле на состојба поврзана со менталното здравје.
Булингот во училиштата натерал осум деца да свртат на СОС-линијата 070/390-632.
-Евидентирани се осум случаи на континуирано изложување на навредливо, заканувачко или понижувачко однесување од страна на врсници. Иако бројчено помалку застапени, овие случаи претставуваат сериозен ризик за менталното здравје на децата и се поврзани со појавата на анксиозност, страв, социјална изолација и намалена самодоверба – предупредуваат од „Меѓаши“.
Според извештајот, вкупно 64 дојави се однесувале на семејните односи, 57 се однесувале на повреди, 39 деца и млади се пожалиле на проблеми со пристапноста, а 18 за проблеми во училишната средина. Единаесет деца се пожалиле на дискриминација и ексклузија, две за физичкото здравје и едно за област која се однесува на сексуалноста.
Во рамки на категоријата „семејни односи“, убедливо најзастапена е поткатегоријата „односи со родители“, за која се евидентирани вкупно 48 случаи, односно деца кои се обратиле до линијата „Ало Бушавко“ поради различни тешкотии и конфликти во односите со нивните родители.
Овој податок укажува на потребата од поголема поддршка за семејствата, со цел да се зајакне меѓусебната комуникација, разбирање и градење на доверба помеѓу родителите и децата, велат од „Меѓаши“.
Вкупно 22 деца биле засегнати од различни форми на директно физичко повредување, односно физичко насилство.
– Овие случаи укажуваат на сериозни нарушувања на безбедноста и интегритетот на децата и претставуваат висок ризик по нивното физичко и психолошко здравје, се наведува во годишниот извештај на „Меѓаши“.
Девет деца биле занемарени – состојба што често доведува до долгорочни последици врз развојот и чувството на сигурност кај децата.
Во 28 случаи „Меѓаши“ спровеле директна интервенција, најчесто во итни ситуации. Во 19 случаи имало упатување до надлежните органи за спроведување на законот, а во 16 случаи до институции за заштита на децата. Во 13 случаи децата биле упатени до здравствени работници, во шест случаи до советниците во училиштата, а во три случаи се преземени други активности.
Подготвено од А.Ѓ.