28.05.2026 Скопје
Шпанија ја повлекува поддршката за Европската унија за зајакнување на трговската заштита на блокот од Кина, изјави денес шпанскиот министер за економија и трговија Карлос Куерпо, оценувајќи дека трговската соработка на блокот со Пекинг е неопходна.
„Разбираме дека ЕУ треба да се зајакне, а тоа значи дека треба да разговараме рамноправно со Кина и САД. Треба да соработуваме со кинеските власти“, рече Куерпо на маргините на состанокот на министрите од шесте најголеми економии на ЕУ – Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија и Полска.
Според него, ЕУ треба преку соработка со Кина да го намали билатералниот дисбаланс со Пекинг во однос на трговијата.
„Исто така, треба да соработуваме со Кина и нејзините компании на целосната агенда за економска безбедност и привлекување кинески инвестиции, како и како да го искористиме максимумот од тоа во однос на создавање додадена вредност за нашиот континент“, додаде Куерпо.
Минатиот петок, Шпанија беше меѓу големите европски економии кои потпишаа документ испратен до Европската комисија во кој се повикува на зајакнување на трговската одбрана на блокот, подобра употреба на истражните капацитети и потенцијално создавање нова алатка за справување со нарушувањата на пазарот.
„Политико“ објави дека Мадрид се предомислил неколку дена подоцна во врска со документот, кој го потпишаа и Италија, Холандија и Литванија, наведувајќи дека документот бил „разгледуван само на техничко ниво“. Шпанија се смета за членка на ЕУ со најблиски односи со Кина.
Шпанскиот премиер Педро Санчез го посети Пекинг четири пати во последните четири години. Шпанија е меѓу најатрактивните земји од ЕУ за кинески инвестиции, вклучително и во секторите за соларни панели и автомобилска индустрија.
Подготвено од А.Ѓ.